Новиот тренер на Охрид Гоце Толески, денеска, го одработи првиот тренинг со екипата. Тој на играчите низ состанок им ги објасни замислите а на терен веднаш се фатија со работа. Толески на позицијата тренер во охридскиот фудбалски клуб дојде на местото од Драган Бочески, кој си поднесе оставка после поразот од Дебар во Кораб.

Деби на охридската клупа Толески ќе има утре против Кадино во петтата рунда од Втората македонска фудбалска лига-запад. Тој најави работа и само работа, бидејќи само така може да се врати Охрид во колосек после четирите порази на почетокот од сезоната во второлигашката конкуренција.

  • Работејќи со младинските категории јас сум дел од овој клуб од почетокот на сезоната. Ова за мене ќе биде ново и прво искуство. Неколку години работам како тренер во Спортската академија, но прв пат ќе работам со сениорска екипа Со голема желба и самодоверба го почнувам ангажманот во Охрид. Ситуацијата не е идеална, но со работа и без многу ветувања да ја доведеме во некој колосек. Тактички промени нема да има многу во однос на мојот претходник и колега Бочески. Промени ќе има во подготовката на екипата за мечевите, друго горе долу ќе си остане исто. Јас верувам во играчите и верувам дека ќе успееме да го издигнеме Охрид од резултатска криза. – изјави Толески.

Богатата фудбалска кариера на Толески почна токму од Охрид а нека биде така и со тренерската. Среќно!

OhridNews

Гоце Толески нов тренер на Охрид!