Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески беше во посета на најголемиот глобален саем за автомобили „IAA“ во Франкфурт Германија, каде што свои изложбени штандови имаа компании од автомобилската индустрија, кои се заинтересирани за нови инвестиции во Охридскиот регион.

За време на посетата, била остварена средба со Андреас Костал, сопственик на компанијата „Костал“ и со Виктор Мизо, генерален директор на фабриката во Охрид. На средбата се разговарало за растот на компанијата во Република Северна Македонија во изминативе 3 години, за значењето на нејзиниот развој за локалната и регионалната економија, условите за работа и можностите за вработување. Исто така, била поздравена и соработката која компанијата ја има со општина Охрид, а воедно се разговарало и за идните можности за соработка кои ќе придонесат, компанијата да ги реализира своите развојни и инвестициски планови во Охрид.

На изложбениот штанд на „Костал“, биле презентирани најновите технологии и лепезата на производи кои компанијата ги нуди на своите клиенти, кои се производители на автомобили. Посебно била нагласена важноста на фабриката во Охрид, каде што се очекува забрзан раст на производството на најсофистицирани производи за електрични и премиум класи на возила.

Градоначалникот Георгиески и директорот Мизо, кој е Претседател на асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, дополнително оствариле средби и состаноци со неколку други глобални производители на компоненти во автомобилската индустрија, кои ја разгледуваат нашата држава и Охридскиот регион како потенцијални локации за свои идни инвестиции.

OhridNews