Во рамки на Европската недела на мобилност, денес, во Охрид неколку улици беа затворени за сообраќај. Целта беше граѓаните во периодот од 8 до 14 часот, слободно да пешачат, возат велосипеди, ролери, а најмладите слободно да играат и се забавуваат на коловозите кои денес беа означени како пешачка зона.

Во овој период коловозите од улиците „Македонски Просветители“ и „Димитар Влахов“ беа без возила, но и без пешаци и велосипеди. Дали поради неинформираност или пак претпазливост, пешаците продолжија да се движат исклучиво по тротоарите, а велосипедистите по црвените велосипедски патеки, со чест на ретки исклучоци.

  • Не сме информирани дека овие улици се затворени за сообраќај
  • Ја поздравувам идејата, но по навика одам на тротоар
  • Знам дека дел од улиците се затворени за сообраќај, но сепак тоа е мал дел, добро би било кога на овој ден се забрани сообраќајот во поголем дел од градот, се коментарите на затекнатите граѓани на охридските улици.

Имаше и поединци кои и покрај забраната, непречено се движеа со автомобилите на означените улици, излегувајќи од возилата и отстранувајќи ги пластичните ознаки.

Охрид, годинава, за прв пат на ваков начин-со неколкучасовна забрана за движење на возила на дел од улиците, се приклучи кон одбележување на Денот без автомобили кој во светот традиционално се одбележува години наназад. Во големите светски центри на овој ден, затворени се сите сообраќајници во градот, при што дозволено е единствено движење со велосипеди или организиран јавен транспорт.

Пораката која се упатува е дека со мудро одбирање на начинот на секојдневниот транспорт, го заштедуваме домашниот буџет, го подобруваме нашето здравје, воедно ја заштитуваме животната средина и го намалуваме загадувањето од транспортот.

Т.К.