Брзи предвремени избори на 12 април 2020 година. Ова е исходот од лидерската средба што по студениот туш од Брисел и недобивањето на датум за преговори со ЕУ, вчера се одржа под покровителство на претседателот Стево Пендаровски. Според постигнатиот договор, на 3 јануари премиерот Заев ќе се повлече од функцијата, по што во наредните 100 дена државата ќе ја води техничка влада во која свои министерски места на клучни позиции како МВР и правда, ќе има опозицијата.

Како што изјави во текот на средбата претседателот Пендаровски, постигнат е цврст политички договор дека евроатлантските интеграции остануваат врвен приоритет на државата, која по трет пат е во слична ситуација, барем што се однесува до нашето етаблирање на меѓународен план и нашите евро-атлантски аспирации.

Имаме јасен државен консензус на релевантните политички лидери во нашата земја дека, независно од заклучоците на Европскиот совет, стојат зад идејата Република С. Македонија што е можно поскоро да ги почне и што е можно поскоро да ги заврши тие преговори, за да стане полноправна членка. Сите присутни на средбата се согласни дека ние немаме проблем со евентуално нова и подобрена методологија за водење на пристапните преговори. Сите присутни на средбата рекоа дека немаат проблем ако новата методологија подразбира реверзибилност на процесот. Значи, едно поглавје кога ќе го затворите, ако трендовите во таа област се негативни, слободно можат да не вратат назад, па дури и до самиот почеток на процесот. – истакна претседателот Пендаровски.

Пендаровски: Постигнат е политички консензус за стратешките интереси на земјата

Г.М.