Дел од плажите издадени под закуп на охридското крајбрежје, работат на диво повеќе од 6-7 години, изјави денеска градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески. Тој побара од сите надлежни институции да се вклучат во расветлување на случајот, посочувајќи дека никој во минатото не презел мерки да ги заштити интересите на градот и државата.

Во однос на сите тие плажи коиштo периодот наназад стопанисувале во Општина Охрид, има податоци од кои и јас самиот се изненадив. Има плажи кои години наназад функционираат, меѓутоа нивните договори не се обновени од 2012, 2013 години, добри 6-7 години тие работат на диво и никој таму не постапил да ги заштити интересите на општината. Не е само општината, туку алка на нефункционирање на еден цел систем, тука е пазарната, трудовата инспекција, УЈП, така што мора да има во однос на плажите еден координиран заеднички пристап во решавање на проблемот. – рече во изјава за медиумите градоначалникот Георгиески.

Според Георгиески, најпопуларните плажи кои во јавноста се сметаат за најголем проблем всушност се најмал проблем, бидејќи се без концесија само две или три години, за разлика од други каде, како што истакна, има сериозни проблеми.

Пример плажа број 5, Немо Горица, со важност на договор на 10.7.2012, доставено е решение за раскинување на договорот. Во меѓу време земјиштето е вратено на приватно лице и истата не може да биде предмет на издавање, но сите сме сведоци дека таа плажа сите изминати години работи. – рече Георгиески.

Овие проблеми се таложеле со години и сега не може истите да се очекува да се решат за неколку месеци колку што сум на функцијата, рече Георгиески.

OhridNews