Министерството за животна средина и просторно планирање се откажало од идејата за градење регионална депонија кај селото Годивје во општина Дебрца. Сега консултанти при министерството работаат на изнаоѓање ново решение за локација на депонијата која најверојатно, нема да биде во сливот на Охридското езеро.

  • 2020 во јануари ќе се знае како ќе изгледа идното регионално управување со цврст отпад во југо-западниот регион. Во моментов е ревидирана документацијата која со Европска унија беше претходно направена и со која се предвиде да се изгради регионална депонија во Годивје. Ние ја напуштивме таа идеја, дури и ја анализираме можноста, заради поекономично управување со отпадот, таа депонија да не биде во сливот на езерото, што беа и заложбите на граѓанските организации, изјави државниот секретар во министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска.

По бројните реакции на жителите на Дебрца и одржаните протести, од страна на градоначалникот на општината беше поднесена жалба против начинот на кој била донесена Студијата за оцена на влијанието врз животната средина за оспоруваната локација кај Годивје, што беше позитивно решена.

Општината испрати жалбено барање до Државната комисија за одлучување во управна постапка, во кое  се посочува оти Студијата за оцена на влијанието врз животната средина и другата потребна документација од страна на ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање се донесени во нетранспарентна постапка, без да се земат во предвид мислењета на засегнатите страни и со непочитување на одредбите на Законот за животната средина. Комисијата за одлучување во управна постапка го уважи жалбеното писмо, донесе одлука за поништување на решението на МЖСПП и предметот се врати на повторно разгледување.

  • Сите еколошки аргументи укажуваат дека Дебрца, како дел од сливот на Охридското езеро, не може да има таква депонија. Проблемот со отпадот треба да се решава, но решението да се бара надвор од сливот, секое друго решение е попаметно отколку она што беше понудено со претходната документација, вели градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Инаку, граѓаните на Дебрца се спротивставија на предлог-локацијата за изградба на депонија кај Годивје уште од самото презентирање на проектот, најавувајќи дека нема да дозволат изградба на депонија во еколошка чиста средина. Нивната решеност ја потврдија на референдумското изјаснување спроведено во октомври 2017 година заедно со локалните избори. На референдумот против изградба на депонија на нивна територија се изјаснија дури 87 отсто од оние граѓани на Дебрца што излегоа на гласање.

Т.К.