Стотина студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет во Скопје, беа во посета на фабриката „Костал“ во Охрид со цел да се запознаат со современиот начин на производство и услови за работа.

Високопрофесионалниот пристап на работа доаѓа до израз уште на самиот влез во просториите на фабриката, каде не може да се влезе без соодветна облека и обувки. Возбудата и задоволството на лицата од студентите, што имаат можност да го посетат „Костал“, е очигледна. Ги пречека генералниот директор на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, кој ги запозна со почетоците на оваа светски позната компанија, обемот на работа кој го остварува, обртот на средства, но и одличните можности за идните млади инженери да станат дел од  компанија за производство на електроника, мехатроника и софистицирани делови за автомобилската индустрија.

  • Сите слушаме за странските инвестиции во Македонија, но само на телевизија и гледаме од надвор. Ова е убава прилика да видиме од внатре што се случува. Некои од нас биле во посета и на други фабрики, па имаат можност да направат споредба. Понудата и условите кои ги нуди компанијата „Костал“ се навистина добри, вели Ангела Настевска студент во трета година на Машинскиот факултет во Скопје.

Студентите имаа можност да ги посетат сите работни простории во фабриката, каде беа пречекани од одговорни лица кои ги запознаа со текот на производниот процес, а воедно и одговараа на поставените прашања од страна на студентите.

  • „Костал“ е една од ретките компании во Македонија кои ја практицираат мехатрониката, она што ние го предаваме на Машинскиот факултет, а за што се стремиме да се обрне повеќе вимание од страна на студентите. Ова е ретка и значајна можност за нив, тие сакаа да дојдат и сметам дека со ова ним ќе им се отворат многу врати во понатамошниот развој на нивната кариера, смета Маја Аначкова, асистент магистер на Машинскиот факултет.

Целта на ваквите организирани посети на студентите во „Костал“, е тие да се запознаат со современиот начин на работа и одличните услови за вработување на младите, кои воопшто не отстапуваат од тие во најпознатите компании во светот.

  • Имаме многу голема потреба од инженери и ова е најдобар начин да им ги покажеме сите производи, целиот процес, сите можности на технологијата со која располагаме, што е сосема поразлично споредено со некогашните фабрики со нечист вид на технологија. Овде навистина е почисто од аптека. Во просториите има специјална влажност и температура на воздухот, контролирана 24 часа во денот. Кога на млади студенти, кои до сега немале можност да видат производство, ќе им го презентирате ова и ќе им кажете дека во реалност ова е понапреден технолошки процес за разлика од оној во Германија, тоа е единствениот вистински начин да ги заинтересираме за работа, со цел не се сите да заминат со билет во еден правец, вели Мизо.

Можностите кои им ги нуди на идните инженери „Костал-Македонија“ се многукратни. Летни платени пракси, обуки, стипендии, се само дел од понудата.

  • Нудиме летна платена пракса за студентите со менторски тим со цел повеќе да научат, а за оние кои не се од охридско-струшкиот регион и платено сместување. На најдобрите им се нудат и стипендии за завршната година на факултет, како и понуда за работен ангажман по завршувањето на високото образование. За младите инженери кои штотуку завршиле факултет или се пред дипломска работа, нудиме можност за шестмесечна обука со платено сместување, соодветна плата и договор за работа, а потоа и можност за редовен работен однос, каде првото нивно звање ќе биде млад инженер, објаснува првиот човек на „Костал Македонија“.

Ваквата пракса на „Костал“ Охрид продолжува со цел креирање и обука на млади инженерски кадри кои се повеќе од потребни за фабриката.

Инаку, на годишно ниво „Костал“ остварува обрт од близу 3 милијарди евра и вработува над 20000 луѓе. Во фабриката во индустриската зона Косел во моментов работат 470 лица. Со новите инвестиции и проширување на производствените капацитети, бројот на вработени во наредните пет години ќе се зголеми повеќе од двојно.

„Костал Македонија“ произведува делови за светски познатите автомобилски компании: „BMW“, „Daimler“, „Porsche“, „Rolls Royce“, „Tesla“, „Аudi“, „Volkswagen“, „Seat“ и „Skoda“.

Тања Кувенџиска