Најдобрата и најуспешната фудбалска генерација од 70-тите години на ФК Охрид, доби уште еден претставник во вечноста, откако на 28 март на 74-годишна возраст како последица на повредите од сообраќајна несреќа која се случи кај селото Ботун, почина Шефкет Шаиноски.

Шефкет Шаиноски (1946-2020)

Шаиноски ќе остане запаметен како “еснаф чоек“, на кого сите во охридската чаршија со задоволство се сеќаваат и за него зборуваат во суперлативи. Секогаш ведар и насмеан, расположен за шега со своите сограѓани, Шаиноски добар дел од својот живот и го посвети на бубамарата која му донесе него прекрасни, а и на охриѓани убави моменти за сеќавање.

Како таков го памети и поранашениот претседател на ФФМ, Љамбе Арнаудов – неговиот тандем во шпицот на нападот, кој благодарение на Шефкет и неговите асистенции постигнал бројни голови.

Ех, каков човек беше Шефкет. Беше човек за се, со големо срце. Никогаш немаше да те остави на цедило, без разлика дали ти бил другар или воопшто не те познавал. Обожаваше да се дружи, а често знаеше и да запее. Искрено ќе кажам дека тој беше подобар фудбалер од мене, само што јас постигнував повеќе голови. Сакам само за добро да го споменувам и ќе ви кажам една од многуте анегдоти на кои при секоја наша средба се потсетувавме. Игравме во Чаир против Слога и еден од гледачите го провоцираше во текот на целиот натпревар. При крајот од натпреварот при резултат 1-1, судијата ни додели фаул на 25-30 метри од косо. Шефкет прво мене, а потоа и на навивачот ни рече „ќе погодам во десниот агол, гледајте“. Го изведе слободниот и топката заврши точно во аголот кој го спомна. Уште една интересна анегдота од една средба во Скопје, кога победивме 5-0, а сите голови ги „намести“ Шефкет. Тогаш, низ разговор после мечот противниците го прашуваа како успева да не пронајде во толку многу играчи и како успева да биде толку прецизен – се сеќава Љамбе и вели „со смрта на Шефкет, замина и дел од мене.

Блескавата генерација на ФК Охрид од 1970-те со Шефкет Шаиноски – стои последен десно (Фото: Охрид слики од минатото)

Како маестрален фудбалер и човек со ведар дух на него се сеќава и некогашниот негов соиграч и другар, а подоцна долгогодишен тренер во ФК Охрид, Анастас Мишев. Потресен од информациите за сообраќајката, а потоа и неговата смрт, за Насте, Шефкет е еден од најдобрите фудбалери кои и ги видел Охрид.

Кога јас официјално се приклучив во првиот состав тој беше веќе стандарден првотимец. За квалитетите не сакам да зборувам. Тој имаше дрскост како никој фудбалер во нашиот состав. Кирил Заров беше мајстор за игра со глава, додека Војислав Спасески беше маестрален со топка, но никој не беше решителен како Шефкет. Секогаш победувавме или пак игравме многу подобро кога на виделина ќе излезеше неговата дрскост. Тој ни влеваше самодоверба бидејќи тргнуваше и одеше каде што само најхрабрите поминуваа – рече Мишев при евоцирањето на заедничките спомени. 

Шефкет Шаиноски, најдесно на сликата со дел од фудбалерите на 40-годишниот јубилеј од легендарниот натпревар на „Грашница“

„Кој тандем беше тоа, Шефкет Шаиноски и Ламбе Арнаудов“, вели Др. Здравко Чорбески кој со Шефкет играл мал фудбал, а добар дел од професионалната работна кариера ја минаа заедно во „Медицинскиот центар“, денес Општа болница Охрид. „Шефкет Шаиноски е легенда на охридскиот фудбал. Тој беше дел од една генерација која го оствари најголемиот успех и сите охриѓани не направи среќни и горди. Синоним за другарство, колегијалност. Заштитен знак во фудбалска кариера на Шефкет беа слободните удари. Побргу противниците на Охрид ќе пуштеа некој играч да помине отколку да направат фаул и Шефкет да шутира од слободен удар. Тоа беше 99% гол.“ Чорбески драго се навраќа на деновите кога зеднички играле за екипата на охридската болница на работничките игри каде редовно го освојувале првото место. „Секогаш ни се заблагодаруваше и викаше дека медалите од работнички игри му значат многу“ – ни рече Др. Чорбески.

Шефкет Шаиноски (последен десно долу на фотографијата) на мал фудбал, заедно со познати спортски имиња од градот.

Малку е познато, но Шефкет одреден период бил дел од „луѓето во црно“. Авторот на повеќе книги за Охридскиот фудбал и почесен претседател на ОФС Охрид, Димче Стојкоски – Лепи ни ја откри ова приказна.

Шефкет после играњето во Охрид и Пелистер, се пријави за фудбалски судија. Без проблеми ги помина потребните тестови и почна со судење. Поради играњето фудбал знаеше што и како, а имаше и пиле. Но честите патувања во странство го оддлечија од дресот во црно. Долго се познаваме и секогаш уживав гледајќи го како игра и како се движи по теренот. Ако треба да го опишам со зборови би рекол џентлмен со топка – истакна Стојкоски.

Каков бил приватно, ни раскажа неговиот другар и комшија Скендер Бекир кој што работел заедно со него во „Маларична“. Токму Шефкет го зел за рака и го однесол на фудбалскиот терен.

Во иста маала живеевме со Шефкет и години се дружевме. Позитивен многу и расположен за муабет. Тој беше постар од мене и веќе играше за Охрид. Јас играв на улица пред куќа, дојде тој и како сега се сеќавам ме викна да одам на тренинзите во Охрид. Така почнав да тренирам, а подоцна и да играм за охридскиот фудбалски клуб. За неговите фудбалерски квалитети можам до утре да зборувам. Навистина, многу добар човек и од ретките со чисто срце што ги познавам во Охрид. – рече Скендер.

Шефкет Шаиноски и Скендер Бекир заедно со Џевдет Шаиноски пред натпревар во Охрид.

За него разговаравме и со неговите најблиски неговата ќерка Нуртен и синот Џевдет. Шефкет, Покрај татковската улога Шефкет бил и другар и голема подршка во животните одлуки за „малата“ Нуртен.

Како семејство претрпевме големи шокови последнава година. Пред девет месеци почина мајка ми, а сега татко ми. Многу беше позитивен, социјален, хуминатарен и многу сакан и почитуван. Тој секогаш кога ќе излеше по охридската чаршија застануваше со сите и правеше муабет. Сакам да им изразам голема благодарност на сите што ни изразија сочуство и ни пружија поддршка во тешката ситуација. – порача Шаиновска.

Фудбалската лоза Шаиноски ја продолжи неговиот син Џевдет кој отиде чекор понатаму и заигра за македонската фудбалска репрезентација. Популарниот Џеко има 26 настапи за македонската репрезентација, постигна два гола, а особено го паметиме погодокот што го постигна во 1998 година на „Максимир“ против Хрватска во квалификациите за настап на Европското првенство во 2000 година. Џевдет кој долги години живее и како фудбалски тренер работи во Данска, вели оти она што го постигнал во фудбалската кариера му го должи на својот татко, кој од мали нозе му ја всадил љубовта кон „бубамарата“

Што и да кажам за татко ми ќе биде премалку. Почнувајќи од мали нозе кога буквално за рака ме земаше и ме носеше до стадионот, до последната наша средба на аеродром бевме неразделни. Успехот во фудбалот, титулите, настапите за репрезентацијата и сите убави мигови во спортот се негова заслуга бидејќи ме насочи на вистинскиот пат. Знаеше да ме искара но во главно критиките беа добронамерни. После секој натпревар седнувавме на маса, без пардон и со отворени карти ја анализиравме мојата игра и играта на екипата. Може да кажам дека беше многу почитуван и сакан затоа што голем број на луѓе ми се јавија и ми изразија сочуство после неговата смрт – вели Џевдет.

Шефкет и Џевдат Шаиноски

Охрид вечно го напушти уште еден татко, фудбалер, човек на кој охриѓани секогаш ќе се сеќаваат и ќе го паметат по убавите моменти и ведриот дух кој со себе го носеше, Шефкет Шаиноски.

Михаил Постоловски