Реконструкцијата на старото
крило на охридската општа болница е голема грешка која охриѓани ја плаќаат со своето здравје, смета градоначалникот Александар Петрески. Тој побара
надлежните веднаш да излезат во јавност и да кажат кога ќе завршат
градежните работи, во спротивно првиот човек на градот не ја исклучува
можноста охриѓани да излезат на протести, бидејќи загрозени се нивните животи.

-Онаму каде што ние имаме ингеренции ги завршивме своите задачи. Во случајов ние немаме ингеренции и затоа очекуваме надлежните да излезат и да ни кажат кога конкретно ќе почне реконструкцијата на болницата. Доколклу не добијат одговор на охриѓани не им преостанува ништо друго освен да излезат на протести и да се борат за своето право. Јас сигурнио нема да ги организирам тие протести меѓутоа доколку граѓаните ги организираат јас ќе им се придружам.-изјави Петрески

Ваквите најави според координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Дејан Пановски, се дел од добро  смислено
сценарио со цел да се дефокусира охридската јавност од намерите на
градските власти на мала врата да протуркаат десетина урбанистички
планови за атрактивни локации на крајбрежјето.

-Како и секогаш кога се носат урбанистички планови кои го загрозуваат интегритетот на Охрид се случуваат драми во советот искреирани од мнозинството кои резултираат со незавршени седници на советот.-вели Пановски.

Реконструкцијата на старото болничко крило во кое беа сместени
одделенијата за хирургија, урологија, гинекологија и уво, грло и нос
започна во октомври минатата година, со план истата да заврши за околу
16 месеци. Неодамна таа беше целосно стопирана поради утврдени отстапки
во висината на објектот, по што беше најавено дека истата ќе продолжи,
со минимално поместување на утврдениот рок.

Горан Момироски