Изградбата на марина во Охрид е проект кој ќе се реализира од 2018-2020 година, ќе чини 2 милиони евра, а целта е да се задоволат потребите на сопствениците на пловни објекти во Охридското Езеро, рече на денешната прес конференција претседателот на општинската ВМРО-ДПМНЕ и пратеник д-р Љубен Арнаудов, укажувајќи на дел од ветувањата дадени во изборната кампања, како што потенцира, проекти од витално значење за развој на градот.

– Марината ќе се гради на локацијата пред центарот за обука на вода на АРМ и езерската полиција. Ќе има најсовремена инфраструктура која ќе овозможи сместување на минимум 300 помали пловни објекти, 10 бродови и осовременување на пристапите за бродови и зголемување на просторот за маневрирање. Исто така марината ќе има  и други содржини како ресторан, продавница за наутичка опрема, сервис за пловила, бензиска пумпа, паркиралиште за возила и приколки, административен дел и магацински простор, рече Арнаудов.

Тој потсети и на ветената изградба на нов експресен пат Охрид-Пештани кој ќе се гради паралелно со стариот пат во должина од 14,5 километри.

– Со изградбата на овој пат ќе се допринесе за развојот на туризмот во охридскиот регион, но исто така овој експресен пат е неопходен бидејќи со неговата изградба ќе им се олесни движењето на граѓаните кои живеат во галичкиот предел како во летниот така и во зимскиот период, додаде Арнаудов.

Како што рече Арнаудов, ВМРО ДПМНЕ е партија која секогаш се стреми кон реазлизација на ветените проекти, но пред се партија која ги чува националните интереси и дека секогаш стои зад дадениот збор и даденото ветување.

OhridNews