Денес во основното училиште „Христо Узунов“ пристигна рачно изработена Витлеемска пештера од Бигорскиот Манастир „Свети Јован Крстител“, направена од вештите раце на монахињите при манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ од с. Рајчица, метох на Бигорски. Пештерата со радост и пеење на божикната песна „Вечниот Бог“ беше топло пречекана од страна на учениците, наставниците и директорот на училиштето. Преку пеењето на оваа древна каланда беше објавена пораката дека Христос се роди заради нас, за да донесе мир на земјата и меѓу луѓето добра волја.

Директорот изрази благодарност до Бигорскиот Манастир и неговиот метох во Рајчица, односно до трудољубивите монаси и монахињи од ове две светилишта, како и до организаторите на претстојната Бадникова поворка.

Пештерата ќе го краси училиштето и уште повеќе ќе ја продлабочи соработката на училиштето со организаторите за подготвување на слични настани во иднина. Освен тоа, нејзиното присуство во училиштето поттикна поголема заинтересираност кај учениците за посета на Бигорскиот Манастир, која е предвидено да се реализира на пролет.

OhridNews