20.15 По неколкудневното значително зголемување на бројот на новозаразени од Ковид 19, на предлог на Комисијата за заразни болести Владата усвои одлука со која се враќа полицискиот час и тоа целосно во општините со најголем број дијагностицирани, а во останатите во поблага форма.

Целосна рестрикција на движењето се воведува во целиот град Скопје, како и за општините Куманово, Липково, Штип, Тетово, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце од четврток 4 јуни од 21 часот до понеделник 8 јуни до 5 часот.

Во останатите општини, пак, се воведува полицискиот час во одредени делови од денот и тоа во четврток од 21 до 05 часот, а за време на продолжениот празничен викенд (петок, сабота, недела) од 16 до 05 часот, информира на прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Покрај ова во наредните денови, до понеделник, се забранува посета на гробишта во сите општини, освен во случај на погреб, истакна министерот Филипче. Тоа се прави за да се избегнат масовни собирања, објасни тој.

Новиот бран заболени е директна последица на непочитување на мерките за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот и неказнувањето од страна на надлежното министерство. – рече Филипче, додавајќи дека најголемиот број од новодијагностицираните се заразиле пред десеттина дена на семејни настани и собири.

Оваа мерка која ќе важи само за претстојниот викенд, а следни одлуки ќе носиме од понеделник, додаде министерот за здравство.

Во земјава денеска беа евидентирани 101 нов случај, од нив еден во Охрид, како и четири смртни случаи од Ковид 19. Најмногу нови случаи се регистрирани во Скопје-59, Куманово-12, Штип-7, Прилеп-1, Тетово-5, Струга-6, Велес-1, Охрид-1, Кавадарци-1, Гостивар-3, Кочани-3, Пробиштип-2.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2492, бројката на оздравени пациенти е 1605, на починати е 145, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 742.

Г.М.