Во рамки на проектот за имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Република Македонија, во периодот од 19.12.2015 година до 24.12.2015 година, беа реализирани повеќе промотивни активности на децата правобранители.Дел од децата правобранители, заедно со локалниот координатор учествуваа на обуката за говор на омраза реализирана од страна на Центарот за Интеркултурен Дијалог од Куманово и Младински Совет Охрид. По завршувањето на обуката, тие одржаа три презентации против говор на омраза, со кои беа опфатени 76 ученици од О.У “Братство Единство”, С.О.У “Свети Климент Охридски” и С.С.О.У “Свети Кирил и Методиј”, како пилот училишта во кои се спроведува овој проект.

Детето правобранител од паралелките на македонски јазик во О.У “Братство Единство”, Елена Велјановска и заменикот дете правобранител од С.С.О.У “Свети Кирил и Методиј”, Ристе Костовски, остварија средба со претседателката на Советот на Општина Охрид, Гордана Коњановска, на која таа беше детално запознаена со целите, идеите и со постулатите на кои почива самиот проект, како и за идните насоки на имплементација. Коњаноска ги изрази заложбите на Локалната Самоуправа за поактивно вклучување во самиот процес на имплементација на проектот, по пат на активно вклучување во сите наредни активности.Истиот ден, дел од децата правобранители присуствуваа и на седницата на Советот на Општина Охрид, на која имаа можност одблизу да се запознаат со процесот на донесување одлуки од важност за развојот на општината.

Исто така, во текот на минатата недела во училиштата во кои се реализираат проектните активности, беа поделени и флаери со информативна содржина за задачите на децата правобранители, кои се содржат од застапување и борба за правата на учениците од образовните центри од каде што доаѓаат.

Проектот веќе шест години по ред го спроведуваат Коалицијата на невладини младински организации “СЕГА” и Младински Совет од Охрид како партнерска организација, под покровителство на Швајцарската фондација “Песталоци”. Активностите за негова понатамошно спроведување, ќе продолжат со зголемен интензитет и во наредната 2016 година.

OhridNews