Државната изботна комисија (ДИК) е подготвена да ги спроведе предвремените парламентарни избори, изјави во неделното интервју за Радио Слободна Европа Александар Чичаковски – претседател на ДИК.
-ДИК во овој состав, од нашето именување до денеска, е фокусирана на градење на институционални капацитети за спроведување фер и демократски избори кои ќе бидат признаени од сите политички субјекти и потврдени од меѓународната заедница. Во моментов можам да потврдам дека ДИК и институционално и оперативно и со човечки ресурси е спремна да организира и спроведе фер и демократски избори. – рече Чичаковски.
Во врска со сомнежите дека се злоупотребуваат гласовите на иселениците во претходните изборни циклуси, ДИК со став дека со одвојувањето на 170 илјади гласачи на посебен список за кои смета дека најверојатно се наоѓаат на привремена работа и со вградувањето за прв пат на фотографијата во избирачкиот список се намалува можноста за злоупотреба на нивното право на глас во Република Македонија.
Чичаковски изрази загриженост дека нееднаквоста во бројот на запишани избирачи по изборни единици може да го загрози еднаквото право на глас, додавајќи дека тоа треба да го оцени Уставниот суд.
-Ние ќе го спроведеме законот, вели претседателот на ДИК, Александар Чичаковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
OhridNews