Нуркачите од охридскиот клуб „Акватек“, на креативен и несекојдневен начин, викендов, реализираа подводна еко – акција во Охридското Езеро.

Членовите на нуркачкиот центар облечени како Дедо Мраз, од езерото извадија гуми од автомобили и камиони, лименки од пијалоци и пластични шишиња, кои ги лоцираа при нивните предходни рутински нуркања.

  • Целта на оваа еко-акција е да ги заокружиме нашите подводни активности за годинава што изминува. Дополнително, сакаме да упатиме порака до сите наши сограѓани за подигнување на еколошката свест, бидејќи заслужуваме чисто езеро, не само за нас, туку и за идните генерации“- вели Никола Паскали од „Акватек“.

Изминатава година нуркачкиот клуб „Акватек“, реализира неколку акции за чистење на езерото во кои беше извлечен габаритен шут и отпад кој не само што го загадува езерото, туку му штети и на подводниот свет.

  • Охридското Езеро и останатите езера и реки се нашето богатство. Затоа ги покануваме сите нуркачи да се вклучат во нашите еко- акции за зачувување на водите и животната околина“- вели Даниел Атанасовски од „Акватек“.

Од „Акватек“ додаваат дека и следната 2020-та година, клубот ќе продолжи со ваквите акции не само во Охридското Езеро , туку и на останатите локации низ државата.

OhridNews