Реткиот јубилеј -1100 години од упокојувањето на нашиот „застапник и молитвеник пред Бога“ Светиот Климент Охридски ни овозможува повторно да се навратиме кон неговата непроценлива улога во духовното преродување на словенството, благодарение на што Словените „влегоа во бројот на големите народи кои му вознесуваат фалба на Господа на својот роден јазик“. Со ова кратко житие на Св.Климент од Епископ охридски Димитриј Хоматијан, охридскиот новинар и публицист Стојан Савески го започнува своето најново, штотуку испечатено дело, Свети Климент Охридски-Patronus Civitatis.
OhridNews: За што поточно станува збор?
С.С.: На залезот сме на 2016-тото Господово лето кое го одбележува еден извонредно значаен јубилеј – 1100 години од смртта на Великиот Патрон (à Patronus Civitatis) на древниот Охрид, Свети Климент Охридски. Без оглед на мракобесните времиња и општиот пад на општествените и моралните вредности, кои тешко се одразуваат врз секоја индивидуа, предизвик беше да се зафатам и да ја направам оваа публикација/мапа посветена на Светителот. Дел од охридските архиепископи, кои го проучуваат животот и делото на Светиот Климент, го нарекуваат „најголемиот научник маж” и со неговиот опус (од над 40-тина дела од разни научни дисциплини) го рамнат со Апостолот Павле.
И уште нешто друго заслужува да биде апострофирано–скоро десет векови, односно точно 971 година неговиот лик ја одбележува уметноста на широкиот Балкански простор. Од раното Византиско сликарство, со портретот од Црквата Света Софија од 1045 година, преку Ренесансата, па се до Преродбата во Македонија, односно Модернизмот во Европа, неговиот лик е присутен во фрескосликарството и иконописот во Јужниот Балкан. Од крајните западни предели на Албанија, од манастирот Арденица, преку Берат и Москополските светлишта, до скоро сите храмови во Македонија, на југ во Бер (Верија) до Света Гора (Манастир Протанон) во Грција, на исток до Разлог (Бугарија) и на север до Крагуевац (Србија), во мноштво сакрални објекти, е насликан „Светилникот на Словенското население”.
Ете токму овие сознанија за „научникот Маж”, што обединува/л преку верата, писменоста и широкиот творечки опус… е во средиштето на оваа најнова моја публикација, односно мапа на најзначајните портрети што ги обележуваат охридските православни храмови…
OhridNews: Колку беше тешко или лесно да се дојде до потребниот материјал (фотографии) за нејзината изработка?
С.С.: Во публикацијата се опфатени значајните сегменти од животот и делото на Светиот Климент, а во средишниот дел акцент е ставен врз неговите портрети (пред се во Охрид) , како што веќе споменав од 11 век, па завршувајќи со творештвото на маестралниот Дичо Зограф, фреско и иконо сликар од 19 век, кој во стилот на модернизмот, во низа свои дела го насликува Охридскиот Светител. Основата е изградена врз проучувањата на Академик Цветан Грозданов, но притоа консултирана е литература и од многу други домашни автори и позначајни проследувачи на охридскиот живопис од Србија и Бугарија, како и слависти од низа други земји, па се до Николај Тиницкиј, продуховениот московски научник, кој во 1913 година ја брани својата магистерска дисертација посветена на Свети Климент Охридски…
Фотографијата, особено документарната, е исто така, моја долга пасија, така што публикацијата ја облагородив со одбир на фотоси што настанале во долг период, а кои се поврзани со тематиката… Се потрудив, низ повеќемесечна работа, да стигнам до публикација која чинам дека достоинствено се врзува со реткиот јубилеј и навистина треба да бидеме горди што сме современици на ова време…
OhridNews: Каде се ќе може да се набави оваа публикација?
С.С.: Изданието е на НУ Библиотека „Григор Прличев”, за што сум особено благодарен на директорот на институцијата Александра Белевска, а печатењето е поддржано со средства во рамките на јавниот повик за програми и проекти од јавен интерес на општина Охрид за 2016 година. Очекувам со нив, наскоро, да одлучиме како публикацијата да и ја доближиме на пошироката јавност.
OhridNews: Претходно, во 2012 година ја издадовте и фотомонографијата „Манастирот Свети Наум Охридски“. Зошто токму светителите се Ваша инспирација?
С.С.: Станува збор за уште една култна личност поврзана со Охрид, која што, исто така, заслужува достојно внимание, бидејќи и обајцата, Светите Климент и Наум, се стожери на словенството, на нашата писменост, култура… на она што денес ние сме!
Инаку, лично, особено внимание посветувам на публицистиката, поврзана со нашата културна историја, така што се она што сум создал на ова поле е “изнесување на виделина” на тоа наше богатство, особено во странство… Во тој дух, особено ми е значајно што со еден меѓународен тим во 2013 година во Италија, во милионски тираж, од една христијанска фондација од Милано, беше испечатена книга/календар со фрески од Охрид, насловена “Византија на Балканот”. (Во Охрид и Македонија сето тоа помина нечујно и тихо!)
OhridNews: Колку според Вас Охриѓани знаат доволно за историјата на градот, светителите, црквите…
С.С.: Можеби ќе звучи прегрубо, но не можеш да очекуваш “дојденци” да бидат посветени на град, кој можеби е само нивна привремена адреса! Сакам да кажам дека Охрид целокупно ја смени својата физиономија, па и популација и многу ретко среќавам битија со кои може да зборуваме на овие теми… Освен тоа, мракобесново време донесе со себе груб свет, свет што се врти само околу една работа… Тешки теми, а денов е сепак предодреден за благопријатни теми!
OhridNews: Дали веќе работите на некое слично дело?
С.С.: Ќе употребам една мисла што Светиот Климент Охридски ја претпочитал, а која ја споменувам и во публикацијата “Преку верата го спознаваме Универзумот, а верата без добри дела е мртва!” А, нашиот Охрид е навистина предизвик за добри дела!
Савески, освен фото-монографијата за Свети Наум Охридски, ја има издадено и фото-монографијата „Ohrid cultural and spiritual heritage“, а беше и номинатор за реставрација на црквата Св.Богородица Перивлепта во 2007 година.
Т.Кувенџиска