
Седумте нацрт – амандмани на Уставот, во вторник ќе им бидат доставени на пратениците.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, денеска најави седница на Комисијата за уставни прашања на 25 август, а два дена подоцна и седница на која со 62 гласа треба да бидат изгласани.
Нацрт – амандманите што ќе бидат изгласани потоа ќе одат на триесетдневна јавна дискусија, по што Владата повторно до Собранието треба да достави предлог-амандмани во кои би биле вградени забелешки од дискусијата.
Се очекува целата постапка за носење на уставните амандмани да заврши до крајот на октомври.
Со сега понудените нацрт – амандмани се регулира бракот како заедница помеѓу еден маж и една жена, но и вонбрачната заедница. Во однос на Судскиот совет, се предлага десет од неговите членови да се избираат од редот на судиите, тројца на предлог на Собранието, а двајца на предлог на претседателот на државата. Во нацрт-амандманот се предлага членовите на Судскиот совет да немаат право на реизбор.
Со овие нацрт – амандмани се предвидува името на Народната банка на Република Македонија да се промени во Банка на Република Македонија. Со амандманот за Државниот завод за ревизија се предлага тој да биде независен државен орган, а неговиот прв човек да го избира Собранието.
Еден од нацрт-амандманите се однесува на формирање на финансиска зона, а се предвидува и можноста Владата да ја регулира финансиската политика и одредува дека дефицитот не може да изнесува над три отсто од БДП и јавниот долг да изнесува до 60 отсто од БДП.
Последниот амандман се однесува на надлежноста на Уставниот суд, односно дека Судот ќе може да одлучува по уставната жалба за човекови права, како и за одлуките на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
На средбата со новинарите, Вељановски истакна дека очекува да бидат организирани најмалку пет дискусии за нацрт-амандманите, за што зборувал и со министерот за правда Аднан Јашари.
Вељановски нагласи дека очекува опозицијата до септември да се врати во Собранието и да учествува во носењето на уставните амандмани, но и на ребалансот на Буџетот и на други закони и одлуки.
Тој додаде и дека доколку опозицијата не се врати во собраниските клупи, Седницата за оставките на пратениците од опозицијата би ја закажал по доставувањето на Извештајот за напредокот на земјата.
OhridNews
извор:„Макфакс“












