92 договори за стипендирање талентирани ученици, денес, беа доделени од страна на градоначалникот Никола Бакрачески. Од нив 50 за ученици од основните училишта и 42 за средношколци. Корисници на стипендија од локалната самоуправа ќе бидат и осум студенти од Охрид.

Како што нагласи градоначалникот Бакрачески, годинава зголемен е и бројот на доделени стипендии и нивната висина. Од општинскиот буџет за оваа намена издвоени се вкупно еден милион 386.000 денари, за 20% повеќе од минатата година.

Стипендиите се награда за постигнатите резултати од ваша страна, воедно се и обврска да продолжите да учите и отворате нови перспективи. Знам дека овие средства не се доволни за да го поткрепат доволно вашиот талент, капацитет, знаења и амбиции, но се одличен мотив и инспирација за досега постигнатото и она што имате намера да го постигнете, рече Бакрачески.

Учениците задоволни од доделените стипендии ветуваат успешни резултати и во наредниот период.

Прв пат ја добивам оваа стипендија и за мене има големо значење, не само како парична награда туку и како награда од општината и градоначалникот за целиот труд во изминатите години кој го имам вложено во училиштето, вели Теодора Николовска, ученичка во втора година во охридската гимназија.

Бакрачески изрази надеж дека и идните состави на локалната самоуправа ќе го следат примерот и ќе го подржат развојот и самиот почеток на кариера на секоја индивидуа која сака да граби знаење, учи, сака да напредува, гради кариера и се стреми во иднина да биде градител на вредностите на Охрид.

Т.К.