Во центарот за култура „Григор Прличев“, вчера, во организација на Здружението на Еѓипкани „Пирамида“, се одржа собир на кој присуствуваа голем број граѓани.
Пред присутните се обрати градоначалникот Никола Бакрачески кој изрази благодарност за поканата да присуствува на настанот.

– Ова е заедница во која што и јас како граѓанин на Охрид, како Никола Бакрачески се поистоветувам , бидејќи во ваква заедница сум го поминал своето детство, во ваква заедница сум одраснал и во ваква заедница ќе продолжам да живеам и тоа гордо на секого и пред сите можам да го кажам, рече градоначалникот Бакрачески.

Претседателот на здружението Арбен Демироски– БЕНО во својот говор потенцира дека членовите на здружението продолжуваат заедно да чекорат по патот кој води кон остварување на предвидените цели.

– Денес за жал Еѓипканите се наоѓаат во крстосница помеѓу високата демократија, уставот и законските одредби и меѓу одредени политички субјекти и структури кои си земаат за право да не закочат во остварувањето на правата кои уставот ни ги гарантира. Тоа најчесто се случува во овој период на предизборие кога во Еѓипканите гледаат како објекти за моментална корист за да ги задоволат своите апетити за власт. Но, тоа само ќе не охрабри да ги игнорираме таквите игри се додека не сфатат сериозно дека ние нема да дадеме никаква поддршка за ниту една политичка опција, рече Демироски.

Тој истакна дека целта на собирот е зачувување на културниот идентитет и понатамошно афирмирање на Египќаните во Охрид и Македонија.

OhridNews