Екипите на ЕВН Македонија остануваат на терен и ноќеска во обид да ги отстранат дефектите кои се јавуваат како последица на снежното невреме кое го погоди Охридско – струшкиот регион.

-Се очекуваше да биде отстранет дефектот на 110-киловолтниот далновод на МЕПСО, а екипите на ЕВН успеаја да отстранат повеќе дефекти во повеќе населени места во Охрид каде од невремето имаше скинати кабли и паднати електрични столбови. Во поголемиот дел од градот веќе е стабилизирано снабдувањето со електрична енергија. Екипите работат постојано на терен со цел да се воспостави нормално снабдување. Во моментов екипите кои работат од утринава се заменуваат со нови екипи кои доаѓаат на помош од соседните градови, а нагажирани се и монтери од надворешни фирми.-изјави за OhridNews портпаролот на ЕВН Атанас Ковачевски.

Тој истакна дека најголем дел од дефектите се на тешко достапни места каде механизацијата нема пристап. Условите се исклучително тешки поради големите снежни наноси кои на места достигнуваат метар и половина. Активностите се одвиваат во координација со локалните кризни штабови и како се пробиваат патиштата, така се интервенира и се отстрануваат дефектите.

-Пред половина час нормализирано е снабдувањето со електрична енергија во Мислешево, струшко, како и во населбата Езерски лозја. Останува да се работи во текот на ноќта, но поради ниските температури во текот на раните утрински часови ќе биде воспоставено електро снабдување во Лескоец, како и во горните делови на населба Рача и Велестово, охридско.-најави Ковачевски.

Најкритично е во околината на Вевчани, Октиси,  Лабуништа, Подгорци и Боровец, каде екипите имаат потешкотии да стигнат до местата каде што се претпоставува дека настанал дефектот. Оптимистичките прогнози се дека до утре до 14 часот во сите овие места ќе биде вопсоставено снабдување со електрична енергија.

-Најтешка ситуацијата ќе биде и тука ќе се работи во текот на утрешниот ден, во Дрслајца, Ложани, Биџево, Корошишта и Делогожда, затоа што овде има големи снежни наноси и екипите едвај успеваат да се пробијат. Се надеваме дека во текот на ноќта или во утринските часови патиштата ќе се пробијат и во утрешниот ден ќе се воспостави нормално снабдување.-рече Ковачевски.

OhridNews

Обновено: Заврши поправката на далноводите, се стабилизира снабдувањето со електрична енергија