Евентуалната урбанизација на Студенчишкото блато негативно ќе се одрази врз живиот свет, но и врз севкупниот еко систем на Охридското Езеро. Ова меѓу другото беше истакнато на јавната расправа што се одржа денеска во општина Охрид, на која беше презентирана стратегиската оцена за влијание на животната средина на измените на Генералниот урбанистички план на Охрид 2014 – 2024, која ја изготви Градежниот институт „Македонија“ од Скопје.

-Генерално ќе постојат големи влијанија врз Студенчишкото блато. Меѓутоа Студенчишкото блато и Охридското Езеро не смееме да ги гледаме засебно, тоа е голем еко систем којшто треба да се гледа заеднички. Самото Студенчишко блато, односно Урбана заедница 17.1 изобилува со огромен биодиверзитет, односно со видови кои се реликтни, кои останале непроменети од моментот на нивното создавање пред 2-3 милиони години, исто така голем број на видови коишто се ендемични и кои се среќаваат само тука и на никое друго место во светот. Токму затоа велиме дека вредноста на Студенчишко блато е во неговата природна состојба. Таа треба да се заштити и да остане како што е, односно да не се извршат измени во намената на ова земјиште и да остане строго заштитена зона.-изјави Мартина Блинкова од Градежен институт „Македонија“.

На јавната расправа за Стратегиската оцена за влијание на планскиот документ врз животната средина, речиси сите изнесени забелешки се однесуваа на предвидените измени на остатокот од Студенчишко блато, каде според најавите ќе се гради туристичка развојна зона со објекти за времено домување, марина и други содржини. Еден помал дел предвидено е да биде заштитена зона.

-Охридското Езеро е под заштита на УНЕСКО и целото крајбрежје, вклучително и Студенчишкото блато треба да се третира како заштитен дел. Блатото е битен елемент за одржување на езерскиот еко систем. Тоа е живеалиште на голем број видови риби, на птици чиј број со деградацијата која што се случи пред триесетина години се намали и има ендемична блатна вегетација која доколку се урбанизира тој дел ќе биде уништена.-рече Д-р Трајче Талески, научен работник во Хидробиолошкиот завод Охрид.

Според Менка Спировска, дел од тимот кој во 2012 година ја изработи Студијата за заштита и ревитализација на остатокот од Студенчишко блато, овој простор, како и целокупното крајбрежје на Охридското Езеро не смее да се чепка.

-Загубата на Студенчишкото блато ќе го чини Охридското Езеро. Блатниот систем треба да остане и да биде ставен во функција на развој на туризмот, што сигурно ќе има поголеми бенефиции за туризмот во Охрид отколку пренамена на тоа земјиште во градежно.-вели Спироска.

Професорот Златко Лефков предочи дека Студенчишкото блато е филтер за водите кои од Галичица се влеваат во Охридското Езеро.

-Евентуалните зафати во Студенчишкото блато ќе го уништат главниот филтер на Охридското Езеро и доколку тоа се случи ќе ја добиеме Сатеска 2, а ќе бидат загрозени и изворите со питка вода. -предупреди Лефков. Тој истакна дека доколку продолжи деградацијата на Охридското Езеро тоа ќе стане како Преспанското, а потоа како Дојранското.

На последиците од евентуалната урбанизација на блатото укажаа и од еколошкото друштво Грашница.

-Блатата се најголеми резервоари кои го апсорбираат јаглеродниот диоксид од атмосферата и со тоа го намалуваат ефектот на климатските промени.-рече Ѓоко Зороски од ЕД Грашница.

Во јавната расправа се вклучија и екологисти од Скопје и граѓани на Охрид, кои потсетија на големите промени во блатото и езерото во изминатите децении. Тие упатија апел до надлежните институции да ги уважат забелешките на научните работници и да се откажат од идејата за урбанизација на блатото.

Планската документација за измените во ГУП кои се однесуваат на блатото е во фаза на изготвување. Паралелно во Министертсвото за животна средина и просторно планирање тече постапка за прогласување на Студенчишко блато за споменик на природата.

Со измените на ГУП 2014 – 2024 покрај Студенчишко блато, опфатени се и населени места во центарот на Охрид, Лескајца, Железничка и населбите 8-ми Септември и Гоце Делчев.

OhridNews