Внатрешноста на еден од најзначајните сакрални објекти во Македонија, црквата Св. Богородица Перивлепта во Охрид доби ново осветлување, кое свечено беше пуштено во употреба синоќа со пригодна богослужба. Иницијативата е на лајанс клубот „Лихнидос“ од Охрид, а осветлувањето го донираше и постави компанијата „ДАСС Инжинеринг“ од Охрид.


фото Емилио

-Пред шест години започна ревитализацијата на внатрешноста и вредниот фрескоживопис на црквата Успение на пресвета Богородица Перивлепта (онаа што гледа се), која неодамна успешно заврши, а денеска на празникот Св. Трифун – заштитник на лозарите бог не удостои да блесне во прекрасна светлина. Тоа се реализира со залагањето на добри луѓе. Сега сите оние кои доаѓаат тука имаат што да видат во оваа црква од 13 век, да ја видат насликана библијата на ѕидовите на оваа црква и упатувам благодарност до сите што се заложија да се реализира оваа идеја. – истакна отец Љупчо Симиџиоски.

Црквата Св. Богородица Перилвепта е една од најпосетените во Македонија, но не беше соодветно осветлена, вели проф. д-р Зоран Тунтев од лајанс клубот „Лихнидос“, кој го иницираше зафатот.

-Наидовме на добар прием кај компанијата „ДАСС Инженеринг“ која комплетно го финансираше и реализираа овој проект. Сега имаме велелепна црква која конечно е осветлена како што треба“ – изјави Тунтев.

Стручниот тим тим кој работеше на осветлувањето појаснува дека новото светло е најблиску до природното.

– Поставени се 500 лед диоди и 15 рефлектори, од кои дел надвор од црквата, со што таа доби осветлување какво што заслужува и какво што треба да има секој ваков објект. – рече електро инженерот Ѓорѓи Метулев. Вредноста на осветлувањето е околу 3000 евра, без работната рака.

Донаторот на осветлувањето истакнува дека досегашното осветлување во црквата Св. Перивлепта било несоодветно, дури и опасно.

– Делови од црквата беа неосветлени и воопшто не можеше да дојдат до израз прекрасните фрески. Се потрудивме максимално и професионално со тоа што ни беше на располагање во овој момент на пазарот да поставиме соодветно осветлување. Остануваат уште некои сегменти да се доосветлат соодветно и тоа ќе го направиме во наредните неколку недели. – изјави донаторот на осветлувањето Сандре Трпоски од фирмата „ДАСС Инжинеринг“.

На пуштањето во употреба на новото осветлување на црквата Успение на пресвета Богородица Перивлепта присуствуваа поголем број граѓани, а свеченоста ја збогати црковниот хор од Дебарско – кичевската епархија.


Св. Богородица Перивлепта во ново светло

Г.М. 
фото: Емилио