Околу 200 функционери и членови на ВМРО ДПМНЕ од Охрид се повикани на информативен разговор во Специјалното јавно обвинителство, неофицијално во врска со истрага што се води за финансирање на изборната кампања на партијата во претходните циклуси на избори.
Информацијата за OhridNews ја потврди претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ Љубен Арнаудов, кому исто така му стигнала покана за распит на домашна адреса.
– Да точно е. Околу 200 членови на нашата партија се поовикани на разговор во СЈО. Не знаеме од која причина. Немаме комуникација со СЈО, но изненадени сме од ова што се случува. – ни изјави во телефонски разговор актуелниот пратеник и претседател на огранокот на ВМРО ДПМНЕ во Охрид д-р Љубен Арнаудов.
Арнаудов информираше дека вечарва заседава општинскиот комитет на партијата кој ќе заземе став во врска со последните случувања поврзани со активностите на СЈО во Охрид, за што јавноста ќе биде известена во текот на утрешниот ден.
Kако што дознаваме разговорите со функционерите и членови на ВМРО ДПМНЕ, меѓу кои има актуелни и поранешни директори на државни институции и служби, здравствени организации, јавни претпријатија и истакнати членови на партијата, тим од истражители на СЈО ги води во Охрид.
Г.М.