Не би требало да се очекува некој значаен земјотрес во охридското епицентрално подрачје по серијата земјотреси последниве неколку дена, вели Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) за порталот „Сакам да кажам“.

„Не сакам да бидам погрешно разбран, можни се земјотреси, но не би требало да случат некои позначајни, со поголема магнитуда. Охридскиот регион, делот околу Косел е активно сеизмичко подрачје. Лани таму имаше земјотреси и со поголеми магнитуди што укажува дека енергијата за некој поголем земјотрес е истрошена. Сега имаме некоја редистрибуција на напрегање со серија мали шокови кои не можат да предизвикаат некоја поголема штета“, изјави за порталот директорот Гаревски.

Состојбата со охридските земјотреси ја следи од Копенхаген каде престојува службено, па вели дека она што може од таму да го констатира е во прилог на смирување на состојбата.

Денес во охридско беа регистрирани четири земјотреси од кои најсилниот беше во 13.46 часот со јачина од 3.7 степени.

OhridNews
извор :СДК