Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, ги повика граѓаните да гласаат на референдумот за името. Тој порача дека последната одлука сепак е на народот којшто ќе одлучи за иднината на државата.

 „Посебно младите луѓе треба да учествуваат на референдумот. Има земји како Велика Британија каде се носат некогаш одлуки кои не се во корист на младите. Треба да знаете дека секој глас е важен“, рече Хан на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

Македонија има причини да слави и да работи. Догодина ова време ќе ги отвориме првите поглавја за членство во Европската Унија, рече премиерот Заев.

„Лани во Брисел со еврокомесарот Хан и високата претставничка Федерика Могерини договоривме заеднички пристап за исполнување на условите за напредок во Унијата. Се договоривме дека ќе испорачаме резултати, а ЕУ ќе испорача соодветна награда. Врз основа на успехот на реформскиот план 3-6-9, Македонија доби безусловна препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ“, рече Заев.

Хан од Скопје го означи стартот на скрининг-процесот за почеток на преговорите со ЕУ. Тој во текот на денот ќе се сретне и со лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но и со собранскиот спикер Талат Џафери. Двете средби ќе бидат во Собранието. По завршувањето, Хан заминува за Тирана.