Со пригодна свеченост која се одржа денеска Јавната научна установа „Хидробиолошки завод“ од Охрид го одбележа својот голем јубилеј – 80 годишнината од основањето.

Директорот на установата д-р Сузана Патчева во обраќањето пред присутните гости говореше за историјатот на институтот, формиран на иницијатива на познатиот лимнолог и технолог Синиша Станковиќ, кој и денеска важи за најдобриот познавач на Охридското Езеро.

Иницијативата за основањето на првата научна институција од тој вид на Балканскиот Полуостров не дошла случајно оттаму што првиот пишан податок за Охридското Езеро датира од средината на 19 век, а во тоа време кога се поставени темелите на науката за проучување на копнените води, биле спроведени и првите значајни откритија во езерото.

 -Основањето на нашата институција претставувало пресврт во истражувањата на уникатното Охридско Езеро и неговиот жив свет, богат со ендемични и реликтни видови, бидејќи се создадени предуслови за континуирано и систематско проучување на Охридското Езеро, и не само за него туку и за Преспанското, Дојранското Езеро и сите останати акумулации и реки во земјата, истакна Патчева.

Проф. Д-р. Трајче Талевски како експерт со 29-годишно искуство во Институтот, од своја страна истакна дека институцијата историски успеала да опстои во три држави, со долгорочна програма пред се за заштита на Охридското Езеро.

-Академик-професор Станковиќ успеал да ја сфати значајноста на Охридското Езеро како единствен еко-систем во Европа…Основните начела врз кои функционира Институтот се заштитата на Охридското и останатите езера во земјата. Сметам дека Институтот има потенцијал, научен кадар, технологија, да успее да се справи со сите притисоци, пред се антропогениот фактор, што се повеќе им се закануваат на природните езера во земјата, рече Талевски.

Хидробиолошкиот Институт е јавна владина високо образовна и научно-истражувачка организација од национален интерес која ги покрива истражуваните субјекти на лимнологијата, главно природните езера, но и вештачките езера и реките. Главната преокупација е лимнологијата на природните езера на Република Македонија, со особена нагласеност на Охридското Езеро – најстарото езеро во Европа и најголемото и најдлабоко во Македонија.

Во текот на долгогодишните истражувања на Охридското Езеро повеќе од 800 трудови се публицирани и презентирани. Традиционално, истражувањата на Хидробиолошкиот Институт биле фокусирани на фундаменталната хидробиологија. Ова ги вклучува некои нутриенти, температура (струења и миксија), проѕирноста на водата, примарна продукција, хлорофил, флора и фауна, ендемизам, специјација, а во последните три децении следењето на состојбата со загадувањето и еутрофикацијата на езерото е една од истражувачките активности.

OhridNews