Илјадници домашни гости како и индивидуални туристи од Бугарија и Србија ќе го проследат фрлањето на Светиот крст во водите на Охридското Езеро за празникот Богојавление-Водици во Охрид.

Според охридските туристички работници интересот за посета на Охрид за овој православен празник од страна на странските туристи ќе биде на пониско ниво од претходните години, бидејќи празникот се прославува во работен ден.

-Овој празник е интересен претежно за домашните гости, но интерес има и кај туристите од соседството особено од Бугарија. Како и минатите години така и оваа година, аранжаманите за Водици се по промотивни цени, информираат од хотелот „Гарден“.

Од хотелот „Тино“ во Свети Стефан кој е еден од поновите сместувачки капацитети на Охридската ривиера очекуваат бројни гости за празникот Водици.

-За Водици имаме посебна понуда која важи од 15-ти до 20-ти јануари и истата чини 20 евра по лице за ноќевање со појадок. Веќе имаме резервации на гости, а најголемиот број резервации се на гости од Македонија, велат од хотелот „Тино“ во Свети Стефан.

Најголем број домашни гости за празникот Водици очекуваат и останатите хотели од градското подрачје, а исполнети ќе бидат и капацитетит од приватното сместување и викенд становите.

-Според најавите, оваа година во приватното сместување за Водици најбројни ќе бидат гостите од Македонија, но има и индивидуални туристи од Србија и Бугарија, велат дел од охридските станоиздавач кои имаат апартмани во центарот на градот.

Инаку според податоците www.booking.com засега на Охридското крајбрежје се резервирани 39% од сместувачките капацитети на 18 и 19-ти јануари.

OhridNews