„Виа Инженеринг“ од Вевчани ќе ја изведува реконструкцијата и адаптацијата на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, објави „Build“. Во конкуренција на пет доставени понуди од градежните компании, Министерството за здравство на крајот од минатата година ја избралo оваа фирма. Од државниот буџет во наредните три години за овој проект ќе бидат издвоени 219.100.195 денари, односно околу 3,5 милиони евра. Изведбените активности ќе се одвиваат во наредните 36 месеци, така што се очекува пациентите да ги користат просториите на оваа здравствена установа кон крајот на 2018 година.

Со проектот е предвидено да се реновира и адаптира постоечкиот објект на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“. Реконструктивниот зафат ќе опфати површина од 5.623 метри квадратни, вклучувајќи ги лабораторијата, амбулантите, операционите сали и останатите простории. Од Министерството за здравство посочуваат дека ќе се догради старата болничка зграда, во која ќе се сместат интервентната кардиологија со интензивна и полуинтензивна нега, како и адултната кардиологија со амбуланти, дијагностика и дневна болница. Со проектот се предвидува обнова на собите за пациентите, вклучувајќи ја изведбата на тоалети во секоја соба.

Болницата „Свети Еразмо“ датира некаде од 1950 година (кога функционирала во бараки), потоа во 70-те години бил изграден објект од поцврста градба, а веќе во 90-те години била изградена карабината врз основа на која во претстојниот период ќе се гради нова болница.

OhridNews
Извор:„Build“