Со 62 гласа „за“, 46 „против“ и без воздржани синоќа пред полноќ во Собранието избрана е новата Влада на Република Северна Македонија која ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски.

Легитимитетот на Владата е неспорен и со зголемената поддршка  на мнозинството одржлив во следните две и пол години. Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има, но, во 2024 година. Дотогаш ќе работиме посветено на унапредување на економијата и квалитетот на животот на граѓаните на државата, порача вечерва новиот премиер во завршното обраќање пред изборот на новата Влада.

Тој додаде дека искрено верува оти опозицијата ќе биде конструктивна и ќе соработува во интерес на носење на најдобрите одлуки за државата и граѓаните.

Работа започнуваме веднаш. Веќе на утрешната седница на Владата отпочнуваме со носење на решенијата за енергетскаста криза. Утре ќе остварам и средба со новата германска министерка за Европа со која ќе разговарам за забрзување на евроитнеграциите.  Веќе во вторник на мое големо задоволство ќе бидам домаќин на новиот бугарски премиер  Кирил Петков со кого сакаме да воспоставиме нова соработка базирана на почитување,  поддршка и зачувување на македонскиот идентитет, рече Ковачевски.

Најави дека Владата веднаш потоа ќе продолжи со решенија за зголемување на пензиите и за поддршка на куповната моќ на граѓаните. Ќе се посветиме, додаде, на ефикасна реализација и стимулирање на домашните јавни капитални и домашните и странски приватни инвестиции. Ковачевски нагласи и дека секој министер во својот ресор и целата влада имаат јасен и прецизен план за реализирање на поднесената програма со рокови и индикатори за следење на реализацијата и ефектите.
На дводневната собраниска седница за избор на новата Влада 35 пратеници имаа збор, од кои 18 од опозицијата и 17 од парламентарното мнозинство. Имаше вкупно 63 реплики. Пратениците од опозицијата истакнаа дека поединечните предлог-имиња во новата Влада се доказ дека СДСМ нема избор и иднина на која треба да и се верува. Рекоа дека таа нема легитимитет, и прогнозираа кусо траење, најавувајќи брзи предвремени парламентарни избори.

Овој владин кабинет што беше изгласан во Собранието ќе има еден член повеќе од претходниот – министер без ресор за дијаспора, место што и припадна на Алтернатива.

Ковачевски ќе има четворица заменици, Артан Груби (ДУИ) – прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска (СДСМ) – вицепремиер за борба против коруција и криминал, Бојан Маричиќ (СДСМ) – вицепремиер за европски прашања и Фатмир Битиќи (СДСМ) – вицепремиерот за економски прашања.

За членови на Владата се избрани: Оливер Спасовски (СДСМ) – министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска (СДСМ) – министерка за одбрана, Никола Тупанчевски (предложен од СДСМ) – министер за правда, Благој Бочварски (СДСМ) – министер за транспорт и врски, Љупчо Николовски (СДСМ) – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство,  Јована Тренчевска (СДСМ) – министерка за труд и социјална политика и Бисера Костадиновска Стојчевска (СДСМ) – министерка за култура, Горан Милевски (ЛДП) – министер за локална самоуправа,  Беким Сали од Алтернатива – министер за здравство, Јетон Шаќири (ДУИ) – министер за образование и наука,  Бујар Османи (ДУИ) – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими (ДУИ) – министер за финансии, Крешник Бектеши (ДУИ) – министер за економија, Насер Нуредини (ДУИ) – министер за животна средина, Адмирим Алити од Алтернатива, министер за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи од Алтернатива – министер без ресор задолжен за дијаспората.

По нивниот избор во Собранието, премиерот и останатите членови на Владата дадоа свечени изјави. Бидејќи Славјанка Петровска и Бисера Костадиновска – Стојчевска од СДСМ беа избрани за министри во новата Влада, Собранието им го констатираше престанокот на нивниот пратенички мандат. Со оглед на тоа што тие беа избрани за пратеници од листа на кандидати, потребно е Државната изборна комисија да го извести Собранието за кандидати од овие листи на кои треба да им се верификува мандатот за пратеник согласно Изборниот законик.

Примопредавањето на функцијата и кабинетот помеѓу досегашниот премиер Зоран Заев и новоизбраниот премиер Димитар Ковачевски ќе се изврши денеска во Владата.

 

OhridNews