Дворовите на охридските семејства Караѓуле,Чалдрмоски и Бошалевски се најубаво украсените во Охрид за време на новогодишните и божикни празници.

Ова е одлуката на комисијата,  формирана од страна на градоначалникот, која по распишаниот оглас за пријавување на граѓаните, извршила увид и посета на вкупно девет пријавени локации на огласот. Првата награда изнесува 6000, втората 4000 и третата 2000 денари.

Наградите се симболични, но секако дека имаат стимулативен карактер за понатаму да се продолжи да се размислува во овој правец. Како локална самоуправа се трудиме секоја година украсувањето на градот да биде на повисоко ниво. Секако дека е задоволство што граѓаните ја подржуваат нашата идеја и како што велат- украсуваат пред се за своја душа, но со украсување на сопствениот двор помагаат во украсувањето на Охрид, истакна секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески кој денес им ги додели наградите на трите семејства.

Како што велат наградените, за да се уреди и украси дворот најважна е желбата.

Сакам да е украсен градот, особено стариот дел каде минуваат голем број гости. За да се украси  дворот не треба многу, доволни се неколку шишарки, гранчиња, панделки. Сакам да ми е убаво уреден дворот преку целата година, не само за Нова Година. Драго ми е кога гостите минуваат,  застануваат, сликаат и се воодушевуваат, вели Ева Караѓуле.

Општина Охрид традиционално, секоја година, пред новогодишните и божикните празници распишува оглас на кој граѓаните можат да ги пријавуваат убаво украсените и уредени дворови.

Т. К.