Две засега непознати лица се сторители на казнено дело „измама“ извршено вчера на улицата „7 ноември“ во Охрид.
– Околу 10 часот и 30 минути, двете лица на околу 55 годишна возраст, пресретнале повозрасен жител на Охрид и започнале разговор со него. Притоа, едниот од нив му кажал дека другиот човек е од Израел кој имал сообраќајна незгода во Охрид поради што морал итно да плати отштета. Тој, од повозрасниот охриѓанец побарал да му помогне на странецот и да му даде пари за плаќање на отштетата, нудејќи му во залог рачен часовник кој, според него вредел 4000 евра. Верувајќи во кажаното и со желба да му се помогне на странецот, охриѓанецот му дал 1000 евра и поверувал дека откако ќе ја платат отштетата, двајцата ќе се вратат и ќе му го вратат заемот што итно им бил потребен, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
По примената пријава од оштетениот, СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање на сторителите. Од СВР со апел до граѓаните, посебно до повозрасните, да внимаваат во разговори со непознати, да не наседнуваат на вакви изговори и таквите настани веднаш да ги пријават во полициска станица или на полицискиот број 192.
OhridNews