Откако со службеното возило патувал повеќе од шест часа од Скопје до Охрид, Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и лично се уверил во маките на жителите од Охридско и Струшко и на сите граѓани кои минаа двојно повеќе часови завеани во своите возила на планинскиот превој Пресека, кој беше најпогоден од снежното невреме што ја зафати земјата.
-Не сум задоволен од активностите на „Македонија пат“ и договоривме дополнително сили и машини да пристигнат од други општини кои вечерва се на пат за Охрид. Имам ветување од директорот на јавното претпријатие дека до утре целосно ќе биде ставен во функција патот Кичево – Охрид.-изјави Јанакиески по состанокот на Националниот кризен штаб за справување со снежното невреме, кој вечерва заседаваше во Охрид.
Министерот за транспорт и врски најави дека целосно ќе биде разгледан случајот, по што доколку се утврдат конкретни пропусти, ќе бидат преземени мерки кон одговорните во „Македонија пат“.
Сите граѓани од завеаните возила на Пресека се евакуирани во заедничката акција на надлежните служби и општините Охрид и Струга, кои и денеска се справуваа со последиците од невремето.
-Сакам да упатам благодарност до градоначалниците Бакрачески и Села за нивниот ангажман, кој претставува пример за соработка помеѓу општините. Упатувам апел до сите локални самоуправи да се вклучат во расчистување на снегот, а тие кои немаат капацитет да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување со цел да им се помогне.-додаде Јанакиески.
Попладнево е отстранет дефектот на високонапонската мрежа во Охрид и полека се стабилизира снабдувањето со електрична енергија, што овозможи нормализација и на водоснабдувањето на градот, кое беше во прекин поради исклучување на пумпите на Проаква.
-Останува уште на електро мрежата да се приклучат делови од селото Лескоец, населба Рача и Велестово.- рече градоначачникот на Охрид Никола Бакрачески.
Без електрична енергија до утре ќе бидат повеќе села во Дебарца, делови од струшко и општина Дебар. Завеани се повеќе планински села во охридско и струшко, а најкритично е во Р’жаново, каде утре ќе биде извршена евакуација на тројца повозрасни жители.
Г. Момироски