Католичките верници денеска го одбележуваат Раѓањето Христово-Божиќ. Традиционално во Македонија, централната прослава по повод празникот се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше свечена литургија.

Премиерот Никола Груевски вчера испрати честитка за Божиќ до Киро Стојанов Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Република Македонија и сите верници од католичка вероисповед.

„Божиќ е празник на љубовта и радоста, празник на спокојот и милосрдието, празник кој нè потсетува на вистинските божји патишта и нè учи да ги почитуваме високите морални вредности. Божиќ е денот на радоста во душата на секој верник. Во мир и спокој да ја примиме веста која столетија наназад го осветлува планот Божји и неговата промисла да ни ги отвори патиштата по кои треба да чекориме. Бог е со нас, а симбол на таквиот дар е Христовото раѓање.Нека е за многу години денот! Да се радуваме и да ја споделиме љубовта Божја, да постанеме и ние синови Божји. Како што нè учи овој голем празник, да се свртиме кон ближните, кон пријателите, кон нашите соседи, кон нашите сограѓани, кон нашата држава. Да ги обогатиме со својата љубов и добрина, да даруваме чисто, безусловно и со целото свое срце“ се вели во честитката од премиерот.

Честитка по повод католички Божиќ упати и претседателот Ѓорге Иванов.

„Празнувањето на Божиќ секогаш нè навраќа на Светото предание кое започнува со  Витлеемската sвезда,  раѓањето на  Синот Божји кој ја прими човечката природа и стана човек. Чествувајќи го Божиќ ги славиме љубовта, победата над предрасудите и разликите. Божиќната порака за вистината за верата, за човечноста и за хуманоста е глас кој треба да го продолжиме.

Божиќ е празник на семејството, ден кога се молиме за добро здравје, среќа и радост.  Нека Бадниковата вечер и Божиќ внесат топлина во домот, а семејството и ближните нека ги исполнат со добра мисла, добрина и благослов. Овој голем христијански празник нè учи да бидеме солидарни, затоа да споделуваме со оние кои имаат помалку, да им помогнеме на  немоќните и на обесхрабрените, пишува во чењститаката на претседателот.

Заедно со католиците, денеска Божиќ го слават протестантите и Англиканската црква, како и некои православни цркви кои го имаат прифатено Грегоријанскиот календар.

 

OhridNews