Делегација на Амбасадата на Република Кина во Република Македонија, денеска беше во работна посета на Секторот за внатрешни работи Охрид. На средбата, претставниците на кинеската амбасада, на раководниот тим на СВР Охрид им искажале задоволството од, како што стои во соопштението, високиот степен на безбедност во Охрид забележано од кинеските туристи што во изминатиов период го посетиле Охрид.

-Се грижиме за туристите што од Кина доаѓаат во Република Македонија и во Охрид, водиме сметка за нивните права и посебно за начинот на решавање на евентуалните безбедносни проблеми со кои би се соочиле, рече Цуј Шиукуан, прв секретар на Амбасадата на Народна Република Кина во Република Македонија.

Военото аташе Сун Хиаовен, посебно ја нагласил извонредната соработка што амбасадата ја има со Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и изразил надеж дека соработката посебно ќе биде интензивна со СВР Охрид, со оглед дека се поголем е бројот на кинески туристи што пројавуваат интерес за туристички престој во Охрид и Македонија.

Јанг Јонг, шеф на администрацијата на кинеската амбасада во Република Македонија, изразил надеж дека грижата за безбедноста на туристите од Кина и професионалното решавање на нивните безбедносни потреби и понатаму ќе биде една од успешните активности на СВР Охрид.

Раководниот тим на СВР Охрид, на претставниците на Амбасадата на Република Кина, им соопштил дека досега во Охрид не биле евидентирани безбедносни проблеми поврзани со кинески туристи. Началникот на СВР Охрид Сашо Смилески, дополнителниот заменик Гоце Недески, началникот на оделението за полиција Жарко Лазороски и портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, посебно го истакнале позитивното искуство што полициските службеници го имаат со кинеските туристи.

Континуирано се преземаат сите неопходни мерки за безбедноста на домашните и странски туристи во Охрид, нема регистрирани инциденти поврзани со кинески туристи а заштитата на сите кои доаѓаат во Охрид и стабилната безбедносна состојба, е еден од врвните приоритети на СВР Охрид, било нагласено од страна на раководството на СВР Охрид.

Била потенцирана и одличната е соработката со претставниците на кинеските компании што работаат на изградба на автопатот Кичево-Охрид.

OhridNews