Македонскиот кларинетист, охриѓанецот Васко Дуковски, кој скоро две децении професионално се занимава со музика и еден е од двајцата Македонци кои дипломираа и магистрираа на престижната Академија Џулијард , заедно со неколку врвни музичари од различни земји во светот, издаде нов музички албум во Њујорк, насловен како “ Critical Models“.

Композитор на музиката од овој албум е дваесет и шест годишниот Американец со арапско потекло, Мохамед Феруз кој моментално живее и твори во Њујорк и чие музичко портфолио според престижниот весник Њујорк Тајмс е опишано како “неверојатно топла и брилијантно остварена музика“. Одговорна за издавањето на ова ЦД е продуцентската куќа ” Dorian Sono Luminus”.


Васко Дуковски веќе десет години живее и твори во Њујорк, САД. Средното образование го започна во Македонија во средното музичко училиште “ Илија Николовски Луј “ се до третата година, од каде се префрли за да го заврши средното образование во  Мичиген во Америка. Со неговиот извонреден талент дипломира и магистрира на еден од најреномираните музички универзитети во светот, “Џулијард“ во Њујорк. Големината и виртуозноста на музичкиот талент на Дуковски, публиката имаше можност да ја чуе и на неговиот настап на Охридско лето на концертот од македонскиот композитор и пијанист Дуке Бојаџиев, “ Love is the way” .


Дуковски настапуваше и како специјален гостин на Велестовски вечери на поезијата, заедно со Старовски бенд, чија музика претставува спој од балкански етно ритам и звук со лирски мелодии инспирирани од стихови на македонски поети. Дуковски заедно со Јордан Костов (хармоника) и Круме Стефановски (перкусии) ова лето го формираше триото “Amniotic fluid” (Плодова вода) со кое настапи на познатиот сараевски фестивал Фосна, по што го снимија и своето првенче албум, насловено како “Свирци из Кавадарци“, кое наскоро треба да биде издадено и пуштено во продажба.


Васко Дуковски оваа календарска година ќе ја заврши со неколку концерти во Америка  како член на бендот на Тони Смол . Предвидено е и да настапи со ансамблот Талеа во познатата концертна сала “Меркин Хал” во Њујорк.

OhridNews