Пред триесеттина години ги убиваа со огнено оружје во ловџиски хајки низ охридските улици, денес, во 2017 година, бездомните кучиња, кои во најголем дел се последица на човековата негрижа, се убиваат со растурање отров. Се е исто само методот е различен, коментираат загрижени граѓани. Последниот случај е од синоќа во населбата Лескајца во близина на основното училиште и градинката. Несовесен граѓанин истурил отров онаму каде секојдневно поминуваат стотина дечиња. Во тешки маки угинаа неколку бездомни кучиња. Во опасност се бројни миленици, но и луѓето.
Надлежните и натаму го игнорираат проблемот со бездомните животни (во најголем дел кучиња), кои во последно време се намножија во повеќе охридски населби, што ги вознемири граѓаните, дотолку повеќе што низ истите улици секојдневно поминуваат децата за на училиште следени од гладни животни. Опасноста ни најмалку не смее да се игнорира, напротив, но убивањето е крајно нехумано решение, реагираат граѓани. Но има и поинакви мислења изнесени на социјаните мрежи каде граѓани бараат итно да се реши проблемот со бездомните кучиња плашејќи се за нивната безбедност. Некои отворено повикуваат дека бездомните кучиња мора да се „решат“ и дека подобро е да настрадаат тие, отколку нивните деца.
Ваквото размислување е неприфатливо за љубителите на животни и здруженијата за нивна заштита. Тие укажуваат дека проблемот е во нефункционалниот систем и непочитувањето на законот за благосостојба на животните. Во градот не постои соодветно прифатилиште за згрижување на бездомни животни, иако законот ги обврзува општините на тоа. Дополнителен проблем се неодговорните граѓани кои по извесен период ги напуштаат своите миленици и ги оставаат на улица. Истото се случува и доколку нивниот миленик се спари со „непосакуван партнер“. Таков случај деновиве регистрира здружението за заштита на животни „Анималиа“. Седум мали кутриња се пронајдени од граѓанин оставени во картонска кутија. Дел се вдомени, дел привремено згрижени. Здружението апелира до граѓаните за помош и згрижување на напуштените кутриња, како и за помош во храна и млеко која им е неопходна да опстанат.
Проблем со бездомните животни има во секоја македонска општина, што само ја потврдува констатацијата дека и во овој случај законите во државата важат само на хартија и се применуваат селективно, како и дека свеста и кај институциите и кај граѓаните по ова прашање е на исклучително ниско ниво, коментираат љубителите на животни. Посочуваат дека во развиените земји кон кои се стреми нашето општество постои строга контрола на сопствениците на животни, но и грижа за бездомните животни, што во крајна мера е во функција на безбедноста на граѓаните. И додека таму проблемите се решаваат, кај нас се се’ сведува на апели и препукувања на социјалните мрежи за проблемот со бездомните кучиња и нивниот третман, но никој не сноси одговорност. А кога институциите ќе затаат, на сила стапува законот на посилниот. Колку „цивилизирано“.
Г.Момироски