Снежното невреме што деновиве го зафати охридскиот регион, на виделина ги изнесе сите проблеми со кои се соочуваат со години службите задолжени за одржување на патишта. Неорганизирани, некоординирани, со стари и дотраени возила, тие загубија уште една битка со снегот.
На планинскиот превој Буково искршени гранки и дрвја се испречија пред колоните возила, а патниците сами го расчистуваа патот. Упорноста им се исплатеше, затоа што по неколкучасовна борба со снегот и препреките на патот тие успеаја да стигнат до Охрид.
Надлежните му замерија за неефикасноста и упатија критики за работата на претпријатието за одржување на државните патишта, но за жал, не слушнавме најава дека конечно некој ќе се сети да ја модернизира и реорганизира оваа служба. Тогаш веројатно ќе нема потреба да се организираат акции за спасување проследени со медиумска помпа и што е поважно нема да се патува од Скопје до Охрид по 13-15 часа за време на снег, а патниците не ќе мора сами да се справуваат со пречките на патот.
Г.М.