Министерството за здравство ќе поднесе кривична пријава против непознат сторител за пуштање во промет производи заразени со бактеријата листерија.

Министерот за здравство, Никола Тодоров, изјави дека не е задоволен, бидејќи од земените мостри биле добиени негативни резултати, а досега четири лица починаа како последица на оваа бактерија.

„Нема изолирана бактерија од производите што досега се испитани. Фокусот беше на млечните производите, на производите за храна на бебиња и на некои сувомеснати производи. Досега сите испитувања се негативни“, рече Тодоров.

Освен на наведените производи, испитувања се извршени и на некои сувомеснати производи и досега сите испитувања се негативни. Дополнително се земени мостри од продавници во градови во коишто живееле лицата што починале и оние што се заболени од бактеријата. Тодоро најави дека денеска дополнително ќе нареди да се направат подетални контроли во неколку производни капацитети и да се земат брисеви од машините во производствените капацитети за да се испита дали можеби има листерија на некоја од нив.

Листеријата може да била увезена во смрзнато месо од кое потоа се правени производи, но можнo е да е автохтона.