Известувачот во сенка на Европскиот парламент за Македонија, Едуард Кукан изјави дека во ЕП со голем интерес и симпатии се следат активностите на новата Влада, односно иницијативите со кои таа се обидува да се ослободи од блокадите и проблемите со Грција и Бугарија, пренесува „Макфакс“.

– Мислам дека тоа е правилна стратегија, но потребно е да се биде многу трпелив и да не се наштетува на сопствените интереси. Јас ги поздравувам новите иницијативи со Бугарија, но јас знам дека тоа многу високо е оценувано. Во тој договор кој треба да се потпише на 2 август има две чувствителни и многу тешки прашања кои не се решени. Прашањето на македонскиот јазик, многу во Бугарија велат дека тој е дијалект на бугарскиот и второто дека е потребно заедно да се празнуваат историски настани. Тоа според мене се многу скокотливи прашања, тоа се нешта за кон не треба само да се има иницијатива, туку и да се следат сопствените интереси на Македонија. Така, јас сакам да почекам да видам каков договор ќе биде потпишан, а потоа само ќе го поздравам или ќе останам воздржан, вели Кукан.

Во врска со проблемот со Грција Кукан вели дека иницијативите се исправно, но треба да се внимава на цената кја треба да се плати за евентуалниот договор.

– Во Брисел и Стразбур со симпатии следиме дека новата Влада сака да презема иницијативи. Уште еднаш ќе кажам, тоа е правилно. Но цената која треба да се плати за тие договори не треба да бидат на штета на Македонија. Тоа мене ме загрижува, додава тој.

Што се однесува до европската агенда, Едуард Кукан очекува соработка меѓу владата и опозицијата.

– Јас би очекувал поддршка и соработка од страна опозицијата со Владата, тоа се прашања кои треба да бидат важни за сите страни. На тоа треба да се работи и да се поддржува и од опозиицјата и од Владата. Ние ќе оценуваме колку одговорно се однесува опозицијата – изјави Кукан.

OhridNews
извор: „Макфакс“