Лајонс клуб “Охрид” и Здружението на дијабетичари покренаа иницијатива за изградба на современ Ендокринолошки центар кој би функционирал во рамки на Општата болница. Проектот би се реализирал со средства од Маѓународната Лајонс фондација.


Во Охрид има над 6000 регистрирани дијабетичари, но таа бројка не е реална со оглед дека многумина и не знаат дека имаат дијабет. Според нашите претпоставки во Охрид има од 8000 до 9000 пациенти што е поразителна бројка. Затоа апелираме заеднички, ние како Лајонс клуб и членовите на Здружението на дијабетичари да лобираме за изградба на центарот, како и за што почести контроли и превентивно дејствување. Порано ова заболување беше последица на наследен фактор, вишок на килограми, сега се повеќе влијае транзициониот стрес дијабет фактор. Стресот не може да се избегне, но со превентивни акции, заеднички може да го направиме максимумот, истакна гувернерот на дистрикт 132 Лајонс клуб “Охрид”, д- р Сашо Василевски.


Од Здружението на дијабетичари изразуваат задоволство од остварената соработка со Лајонс клуб “Охрид”.

–    Нашето здружение е невладино, хуманитарно и не остварува приходи. Секоја помош со која ќе им се помогне на дијабетичарите и им се олесни нивното живеење е добредојдено, рече претседателот Димче Панџакоски.

Со денес одржаното предавање „Дијабетес-компликации, исхрана и терапија“, се одбележа крајот на акцијата- Месец на дијабетот која се спроведе од страна на Лајонс клуб Охрид во соработка со приватната здравствена установа “Дарон”. При тоа, охриѓани имаа можност да извршат бесплатно мерење на гликолизиран хемоглобин, за што беа обезбедени 360 тестови.


Како што истакнаа од Лајонс клуб Охрид предвидено е акцијата да продолжи и во текот на наредните години и да прерасне во традиционална активност за подршка на дијабетичарите во Охрид.

На денешната прес конференција, беше информирано и за останатите активности кои ќе се реализираат од страна на Лајонс клуб Охрид. И оваа година ќе се врши избор на ТОП 10 најдобрите ученици кој се спроведува четири години по ред. Од Лајонс клуб Охрид информираа и за неодамнешното отварање на Лајонс клубот во Поградец- Албанија. 

OhridNews