Баравме од локалната власт под итно да го спречи екстремното повлекување на водата од Охридското езеро поради производство на електрична енергија, но преку вчерашната реакција на општина Охрид стана јасно дека градоначалникот и неговите соработници знаеле за штетите што му се нанесуваат на езерото, но до сега не презеле ништо за да го спречат алармантното намалување на нивото на водата, рече на денешната прес конференција Жаклина Лазаревска, пратеник во собранието од редовите на СДСМ.
– Наместо да обвинуваат за партизација, локалната власт мора конечно да се зафати со работи и да преземе соодветни мерки преку кои ќе се спречи понатамошното влошување на состојбата во Охридското езеро. Општина Охрид мора да најде начин да стави крај на опустошувањето на езерото кое е заштитено од УНЕСКО како светско природно наследство. Доколку општината не преземе мерки за заштита, тогаш ќе се потврди дека локалната власт наместо да спречи, таа помага во уништувањето на езерото. Уште еднаш укажуваме дека никој нема право да ги злоупотребува природните богатства за да прикрива неодговорни политики, рече Лазаревска.
Советничката од СДСМ, Виолета Мицкоска, потенцира дека стручните лица биле децидни во укажувањата дека биодиверзитетот на езерото е нарушен, затоа што крајбрежните неколку метра во езерото се многу значајни за да се задржи биодивезритетот, бидејќи тука се одвиваат сите значајни процеси за опстанок на живиот свет.
OhridNews