На 21.08.2019 Бирото за јавна безбедност – Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во содејство со полициски службеници од сојузната криминалистичка служба од Германија-БКА и полициски службеници од единицата за борба против дрога од Хамбург, Германија, а во координација со ОЈО за ГОКК, го лишија од слобода германскиот државјанин Р.В.Л. (55), член на меѓународна организирана криминална група, информираше денеска МВР. Германскиот државјанин се барал со меѓународна потерница на Интерпол заради организирање и набавка на 700 кг. наркотична дрога кокаин од Јужна Америка до Хамбург.

Од спроведената истрага било утврдено дека пред да биде лишен од слобода, германскиот државјанин, неколку месеци престојувал на територија на Македонија, поточно во викенд населбата на Попова Шапка, со лажен идентитет.

На 21.08.2018 од страна Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и соодветен број на припадници од ОСПО и полициски службеници од СР Германија, а по претходно изготвен план за реализација и издадена наредба од судија на претходна постапка, извршен е претрес во викенд куќата и лишен од слобода е германскиот државјанин Р.В.Л.. При претресот пронајдени и одзмени се и помала количина кокаин и марихуана, како и пет телефони, две платежни картички, пари, лап топ, германска патна исправа на друго име, фалсификувана полска возачка дозвола и други предмети. – соопшти МВР.

По лишувањето од слобода германскиот државјанин бил предаден на Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР заради понатамошна постапка во однос на распишаната меѓународна потерница од Интерпол. До ОЈО Тетово поднесена е кривична пријава против Р.В.Л. поради основано сомнение за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“  и за сторено кривично дело „Фалсификување исправа“. Лицето е изнесено пред судија на претходна постапка, кој одреди мерка екстрадиционен притвор во траење од 30 дена, информира МВР.

OhridNews