Месните заедници од населените места на планината Јабланица, струшко, и еколошки здруженија, покренаа иницијатива за донесување закон за прогласување на ова природно богатство за национален парк. На овој начин според нив, единствено е можно трајна и оджлива заштита на вредностите на Јабланица и спречување на натамоишното трајно уништување на нејзините природни и културни богатства со неконтролирана експлоатација. 

-Ние сме убедени дека оваа иницијатива е во најдобар интерес на граѓаните на Општина Струга и Општина Вевчани, и одржливиот развој на целиот регион, посебно на развојот на туризмот. Предложеното зонирање на зони под строга заштита, зони на активно управување, зони на одржливо користење и заштини појаси не се ограничувања, туку камен темелници на идниот развој на целиот регион. Иницијативата е во согласност со принципите на Конвенцијата за биолошка разновидност на Обединетите нации и политиките на Европската агенција за животна средина. – изјави Јован Секулоски од иницијативен одбор за прогласување на Јабланица за национален парк. 

Планината Јалбаница располага со исклучителни вредности, четири глацијални езера, пет циркови, фосилни карпести глечери, камени реки и полигонални почви кои ги има уште само во високите планини на Мароко и Либан. Богата е со дабови, букови и шуми со молика, има 1250 видови папрати, цветни растенија од кои 9 видови се на листа на загрозени видови, како и многуброен дивеч и раритетен жив свет, посочи Секулоски. 

-Значајни се и 13-те видови водоземци, меѓу кои балканската речна жаба, балканската речна жаба, огнената жаба и македонскиот тритон се ендемични на Балканот. Замислете, со своите 27 вида на влечуги планината Јабланица поседува поголемо богатство на вакви видови животни отколку целата територија на Северна Европа (односно државите Финска, Норвешка, Данска, Шведска, Полска, Холандија, Белгија, Ирска и Велика Британија), односно е на исто ниво како сите земји од Средна Европа заедно (односно државите Германија, Чешка, Словачка, Унгарија, Австрија и Швајцарија). Јабланица е дом и за 97 видови дневни пеперутки, 124 видови тркачи и 40 видови терестрични полжави меѓу кои 17 ендемити. Богатството со птици е непроценливо: 20 видови во костенова шума, 49 видови во дабовата шума, 30 видови во буковите шуми, 21 вид во карпестите предели, 25 на обработливите површини на падините, 10 видови во населените места, меѓу кои се среќаваат и златниот орел, брадестиот мршојадец и карполазачот. На Јабланица живеат 40 видови цицачи, меѓу кои и крупни месојади, како мечката и волкот. Планината Јабланица е клучен биокоридор и за рисот кој од планината Караорман, преку Јабланица преминува во Албанија. – истакна Секулоски.

Иницијатавата за донесување Закон за прогласување на Јабланица за НП денеска во Струга ја потпишаа градоначалниците на Струга и Вевчани, Рамиз Мерко и Сашо Јанкоски.

– Крајно време е да покажеме свесност за заштита на исклучителните вредности на Јабланица. Доколку ги уништиме, се уништуваме самите. – рече градоначалникот на Струга Мерко. 

Иницијативата е поддржана од НП „Шебеник“ на албанската страна на планината Јабланица, којa од 2008 година е заштитено подрачје кое се протега на територија од 339 277 километри квадратни. 

– Само со заеднички сили можеме да го заштитиме и зачуваме богатиот и разновиден бидиверзитет на Јабланица. – изјави Џек Неџа – директор на Националниот парк „Шебеник-Јабланица“ – Албанија.


фото: мк.википедија

Согласно процедурата, Иницијативата за донесување закон за прогласување на планината Јабланица за национален парк, ќе биде доставена до Министерството за животна средина. 

Г.М.