Доколку не ја пориби акумулацијата Глобочица со количината риба според потпишаниот договор и во одредениот краен рок, на Здружението на спортски риболовци ТАШ-МА 2011 од Струга ќе му биде одземена концесијата, најави Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Како што информираат од министерството, при проверката во 2016 година од страна на Државниот инспекторат за земјоделство констатирано е неисполнување на обврските, бидејќи иако бил задолжен да ја пориби акумулацијата Глобочица со 600 килограми крап и со 320 килограми пастрмка, концесионерот лани порибил само со 100 килограми пастрмка, информираат од надлежното министерство.
– Имајќи ги предвид констатираните пропусти, Државниот инспекторат на 6 декември 2016 година издаде решение со кое ЗСР ТАШ-МА 2011-Струга се задолжува да ја пориби Глобочица со количината риба согласно договорот.
По однос на новото задолжување, ЗСР ТАШ-МА 2011 – Струга има доставено барање за продолжување на рокот за постапување по решението од декември 2016 година, со образложение дека поради лошите временски услови во зимските месеци не се во можност да набават подмладок од крап и пастрмка, имајќи го предвид податокот дека мрестот на пастрмката трае во овие месеци.
Постапката по ова барање на концесионерот е во тек, а по завршувањето на законските рокови следи одземање на концесијата, појаснуваат од министерството.
Во неделата спортски риболовци и членови на риболовното здружение „Карп фиш“ од Лабуништа, одржаа протест на акумулацијата Глобочица и побараа одземање на концесијата на здружението за риболов Таш-ма 2011 поради неисполнување на одредбите од договорот за концесионирање, намалување на рибниот фонд и порастот на рибокрадството.
Концесионерот на акумулацијата Глобочица не сакаше да ги коментира изнесените обвинувања.
OhridNews