Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ вечерва со голем митинг во Охрид ја започна кампањата за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 11-ти декември.
Пред многуилјадниот народ од сите краишта на земјата беа претставени кандидатите за пратеници на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, која во 5-та изборна единица ја предводи Антонио Милошоски. Меѓу кандидатите во петката се и двајца охридски доктори, Љубен Арнаудов и досегашниот пратеник Сашо Василески.
На митингот што се одржа под мотото „Знаеш што е подобро“, беа претставени проектите од изборната програма „Реално“ кои ќе се реалзизираат во 5-та изборна единица каде спаѓа Охрид.
Пред присутните на големиот митинг се обрати поранешниот лидер на Социјалистичката партија, бизнисменот Љубисав Иванов Ѕинго. Тој истакна дека Македонија цвета, а тоа е благодарение на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, кој тој го спореди со големите реформатори во светот како рускиот Петар Велики.
–Македонија е непобедлива. За 4 години пак ќе дојдам. – порача Ѕинго.
Носителот на кандидатската листа во 5-та Изборна единица Антонио Милошоски своето обраќање го започна со напад кон лидерот на опозциската СДСМ Зоран Заев, кого го обвини дека се обидува да манипулира и со Македонците и со Албанците.
-10 години господинот Заев не успева да ги излаже Македонците и затоа сега се обидува да ги излаже Албанците. Не е проблемот што ветува туку што многу лаже. На 11-ти декември ќе го дознаете и вие тое. – рече Милошоски.
Тој истакна дека ВМРО ДПМНЕ има програма, има за што да зборува и што да промовира. Тој најави реализација на бројни проекти во петтата изботна единица.
– Во Битола ќе изградиме нов спортски центар со 6000 седишта, ќе го обновиме планинарскиот дом Копанки и ќе изградиме 6 нови училишни спортски сали. Во Струга ќе го обвновиме бвазенот, ќе изградиме тениски терени, и ќе го доградиме ракометното игралиште. Иако градоначалникот на Струга на етничка основа запостави некои места ние нема да ги заборавиме, ќе градиме во тие места каде живеат чесни граѓани. Ние не сме политичари кои тврдеа дека некои прашања не заслужуваат одговор, ние не ја продадовме ни Струга ни Кичево. За нас Македонија е единствена и унитарна држава и така и ќе остане. Охрид заслужува тоа што е направерно до сега и уште повеќе. Охрид ќе добие марина која ќе ја подобри понудата во туризмот, конгресен центар со капацитет од над 1000 седишта со пет сали, а предвидени се и 6 милиони евра субвенции за поддршка за привлекување на странски туристи. – рече Милошоски.
Носителот на листата во 5ИЕ најави завршување на започнатите инфраструктурни проекти и најави нови.
-Ветивме автопат Охрид – Кичево кој се гради, а во овој мандат ќе го изградиме и автопатот Кичево – Гостовар. Струга – Требеништа ќе се гради исто така автопат. Ќе се изгради регионалниот пат Кичево – Извор, експресен пат Охрид – Пештани, Битола – Меџитлија. Во периодот 2016 – 2020 ќе реализираме уште еден капитален проект, изградба на магистрален гасовод Неготино, Битола, Ресен, Охрид, Струга, а во втора фаза, Охрид, Кичево, Гостивар, за Македонија да не биде слепо црево туку енергетски поврзана. – истакна Милошоски.
Тој изрази уверување дека ВМРО ДПМНЕ на претстојните избори ќе однесе убедлива победа и ќе освои 63 пратенички места затоа што силата ја црпи од народот.
На крај од митингот се обрати лидерот на ВМРО ДПМНЕ, кој остро ја нападна опозицијата и ја обвини дека реализира туѓи сценарија кои имаат за цел да ја поделат и разнебитат државата.
– Повеќе од 900 дена поминаа од нашата голема победа на претходните парламентарни избори, кога нашиот противник не ги призна резултатите и тргна кон реализација на сценариото кое сега конечнио се откри. Сценариото кое опозицијата две години го спроведува е сценарио за редефинирање на државата и воспоставување на некоја нова држава која кој зне како ќе изгледа. – рече Груевски.
Груевски претстави дел од проектите од изборната програма „Реално“ на ВМРО ДПМНЕ кои, како што рече, ќе го подобрат животот на сите граѓани.
– До 2020 година ќе отвориме нови 70.000 работни места. Ќе ги зголемиме платите и пензиите за 10,20 отсто. Ќе ја зголемиме за 50 % социјалната помош, а минималната плата до 2020 година постепено ќе расте и ќе достигне 14.000 денари. – истакна Груевски.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ најави изградба на рурални развојни зони каде од инвеститорите ќе се бара 80 отсто од вработувањата да бидат нови вработувања, за што ќе добијат поволности поголеми од технолошките развојни зони, како даночни, царински и ослободување од плаќање придонеси.
За Охрид покрај тековните проекти, Груевски најави изградба на нови 145 социјални станови, реконструкција на пречистителната станица во Враништа и ревитализација на колекторот, изградба на пречистителна станица во Трпејца, нова канализација во Лескоец, набавка на над 400 апарати за здравствените установи во Охрид, нови градинки, училишта…
-Затоа велиме гласај за нова реална програма за која знаеш дека ќе се реализиара, а не за лаги. – порача Груевски.
Toј истакна дека претстојните избори се историски бидејќи ќе се одлучува во кој правец ќе движи државата.
-Изборот е помеѓу две алтернативи, споредете не што правиме и како тоа ќе се одрази врз вас на среден и долг рок, размислете со кого ќе ви биде подобро, кој има подобар кадар и програма, ВМРО или СДСМ, кој ќе отвори нови работни места во Македонија, поставете си ги овие прашања и одговорот лесно ќе го најдете. Кој ќе биде подостоинствен на притисоци од надвор и со кого нема да се срамите. Ова е избор помеѓу два концепти, помеѓу двајца кандидати за премиер, јас или Заев. Овие избори се одлука за се што ви е важно вам и на вашето смејство, но се важни и за Македонија во која живее горд и достоинствен народ, кој е многу мудар и кој добро знае што се случуваше во изминатиот период кој беше исполнет со проблеми, предизвици и вештачки наметнати кризи. Овие избори се референдум во каква Македоија сакаш да живееш.– додаде Груевски, кој побара 63 пратеници кои, како што рече, ќе ја бранат суверена и унитарна Македонија.
Митингот на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ во Охрид започна со песната „Бог да ги бие шпиуните“, а заврши со голем огномет.
Горан Момироски