Во текот на денот, во мобилно комбе лоцирано на градскиот плоштад се вршеше бесплатно, доверливо анонимно тестирање за Хив/Сида и хепатитис. Заинтересираните граѓани за бесплатното тестирање тоа можеа да го направат без упати од матичен лекар и здравствени картони.
– Тестовите се брзи и со голема сензитивност од над 95%. За пет до десет минути секој заинтересиран може да го добие својот ХИВ/ СИДА статус. Доколку тестот е позитивен, лицето се испраќа на дополнителни тестирања во здравствените установи во Скопје, објаснува д- р Јованка Коровешоска од Центарот за јавно здравје.
Во текот на неделата, во рамките на одбележувањето на Светскиот ден во борба против ХИВ/СИДА, ќе се спроведат и едукативни работилници со средношколците и основците од Охрид. При тоа ќе биде и дистрибуиран голем број на печатен, едукативен материјал наменет за младите, но и возрасните целни групи.
Во светот, секојдневно се инфицираат по 7 илјади лица од ХИВ, а за жал најголемиот процент од инфицираните лица се на возраст од 15 до 24 години.
Од 1987 година, кога е регистрирана ХИВ/СИДА епидемијата во светски рамки, до денешен ден во Република Македонија се регистрирани 142 лица, од кои 33 лица Хив позитивни, а 109 лица се заболени од СИДА, од кои 66 лица се починати.