Летото 2021 се очекува дека ќе биде потопло, со поголема веројатност за позитивни отстапувања на температурата на воздухот од многугодишните просеци и врнежи во рамките на просекот. За територијата на Република Северна Македонија постои голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности. Надминувањето на температурите е предвидено дека може да достигне и до 3°C во североисточниот регион (слика 1). Најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот за оваа сезона се очекува да биде во јули.

Ова денеска го соопшти Управата за хидрометеоролошки работи повикувајќи се на прогностичките материјали што ги презема од Европскиот Центар за среднорочна прогноза на времето (ECMWF) во Рединг, Виртуелниот центар за климатски промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC), како и останатите светски прогностички центри.

Условите на Ла Ниња кои се повеќе слабеат последниве месеци, се очекува да преминат во неутрални за време на летната сезона. Температурите на површината на морето имаат позитивни отстапувања над Атлантскиот океан и јужно од Гренланд и негативни отстапувања над Северното море. Ова ќе придонесе до зголемување на притисокот на воздухот над поголем дел од централна Европа, се наведува во прогнозата.

Според анализите за целиот југоисточен регион на Европа, се предвидува летни температури да достигнат натпросечни вредности. За територијата на нашата земја постои голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности. Надминувањето на температурите е предвидено дека може да достигне и до 3°C во североисточниот регион. Најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот за оваа сезона се очекува да биде во јули.

Несигурноста кај регионалните предвидувања за врнежите е секогаш поголема во однос на температурата, посочуваат од УХМР и наведуваат дека исто така јасен сигнал нема ни за територијата на целиот југоисточен регион на Европа, а ни за Северна Македонија, каде моделите предвидуваат дека не се очекуваат големи отстапки од досегашните просечни вредности. Во планинските делови постои голема веројатност дека просечните врнежи ќе бидат надминати поради епизоди на засилена конвекција и појава на обилни врнежи.

Температурниот опсег на многугодишниот просек 1981-2010 за летната сезона во РС Македонија е од 16.0°C во планинските предели до 25.3°C измерени во Гевгелија. Врнежите во овој период се во границите од 23.9mm измерени на метеоролошката станица во Штип до 96,7mm во Маврово.

OhridNews