Германските компании во земјава не се задоволни од борбата против корупцијата во земјата, актуелната политичка и социјална безбедност, како и од работата на јавната администрација, покажува најновата анкета на Делегацијата на германското стопанство во земјава.

Членовите на Македонско-германското стопанско здружение повторно укажаа на проблеми со владеењето на правото, но посочија и на, како што се наведува во денешното соопштение, политички проблеми.

Иако искажуваат задоволство од продуктивноста на работната сила, нивото на образование и трошоците на трудот, компаниите со германски капитал во земјава најголеми ризици во следните 12 месеци гледаат токму кај работната сила, односно во недостигот на стручна работна сила.

Што се однесува до општиот амбиент и работата на институциите, Германските компании не се задоволни од работата на Владата.

Компаниите со германски капитал изразуваат незадоволство и од владините мерки за ублажување на последиците од ковид кризата.

Според Делегацијата, резултатите од анкетата не се изненадувачки.

Само осум отсто од испитаниците ја сметаат сопствената деловна состојба како добра (2019: 29 отсто), а 53 проценти како задоволителна (2019: 61 отсто). Очекувањата кои ги имаат во однос на извозот се исто така полоши во споредба со 2019 година. Само 34 проценти од нив претпоставуваат дека извозот на нивните добра и услуги ќе се развие подобро во споредба со претходните години (2019: 51 отсто). 40 отсто од испитаниците не очекуваат никакви промени во однос на извозот оваа година, додека 26 проценти од нив претпоставуваат дека ќе имаат намалување на извозот на нивните производи и услуги, вели директорот на Делегацијата на германското стопанство, Патрик Мартенс.

Сепак, иако германските компании во земјава сметаат дека актуелната деловна состојба им е полоша во споредба со изминатите години и не очекуваат никакви промени во однос на извозот, речиси 70 проценти од нив повторно би инвестирале тука, покажува анкетата на Делегацијата на германското стопанство.

Мартенс најавува дека ќе продолжи дијалогот со македонската Влада за подобрување на бизнис условите.

Ќе продолжиме да водиме дијалог со македонската Влада за подобрување на овие рамковни услови во земјата. Скоро 70 отсто од инвеститорите кои веќе инвестирале, повторно би го сториле истото во Северна Македонија. Ова е солидна основа од која може понатаму да се развиваат германско-македонските стопански односи, наведува Мартенс.

Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија од 2006 година редовно ја спроведува анкетата со која се оценува Северна Македонија како дестинација за инвестирање.

Во Македонија има 200 компании со германски капитал кои вработуваат 20.000 лица.

OhridNews