Охридските пензионери, кои не се задоволни од начинот на кој се води и одлуките кои ги носи раководството на Сојузот на пензионери на Македонија, утре, на јавна трибина, ќе дебатираат за актуелните состојби во Сојузот и ќе усвојат соодветни заклучоци.

– Меѓу широкото членство на пензионери присутно е огромно незадоволство и чувство на диспропорција помеѓу нивните очекувања и постапките и одлуките на централното раководство во Скопје – велат организаторите. Раководството, посебно претседателот, одлуките ги носат не во име на членството, туку во дослух со воспоставената клиентилистичка мрежа од поддржувачи во раководствата на општинските организации. На тој начин, Сојузот, со сегашното раководство, се повидливо ги напушта основните принципи и статутарната поставеност, со што ја загуби независноста и самостојноста, а особено непартијноста и за жал, навлезе во водите на партиската пристрасност, истакнуваат иницијаторите за промени во пензионерската организација.

Оттаму објаснуваат дека незадоволството е резултат на потпишувањето на таканаречениот Протокол за соработка во изборен период, со само една политичка партија. Додаваат дека на долг рок, зададен е удар на Сојузот, што покрена лавина реакции и иницијативи за формирање на алтернативен Сојуз, од собирите во Скопје, Штип, Прилеп, Струмица и други места.

Политички неопределените и непристрасни пензионери од Охрид, на ваквите иницијативи не смеат да останат имуни, поради што е свикана утрешната трибина, која ќе се одржи во бараката на поранешен “Гранит”, кај хотелот „Гарден“, стои во повикот.

OhridNews