Не носам нов предлог за името, изјави посредникот на ОН во разговорите за македонско-грчкиот спор за името, американскиот дипломат Метју Нимиц кој во раните попладневни часови допатува во Скопје, во рамките на новата рунда разговрои меѓу двете страни, пренесува „Макфакс“.
„Не носам нов предлог, меѓутоа имам идеи“, рече специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН. Како што информираше, официјалните средби со македонскиот државен врв ќе ги одржат во вторник, а до крајот на денот се можни неформални средби.
Според соопштението на Обединетите нации, Нимиц ќе престојува во Македонија, во понеделник и вторник, по што ќе замине на средби во Атина на 30-ти и 31-ви јули.
„Целта на средбите е да се интензивираат разговорите под покровителство на ОН насочени кон изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за спорот за името“, се додава во соопштението на светската организација.
Посетата на Нимиц на Скопје ќе биде и прва средба со новиот македонски преговарач во името и нов амбасадор во САД, Васко Наумовски, кој на оваа должност официјално беше именуван од претседателот Ѓорге Иванов минатиот вторникот, заменувајќи го досегашниот преговарач Зоран Јолевски.
Во изјава за програмата „Гласот на народот“ посредникот на ОН во разговорите за спорот за името, минатата седмица изјави дека овојпат очекува голем напредок на средбите со државниот врв во Скопје и во Атина. Медијаторот, исто така, посочи дека очекува и добра соработка со новоименованиот преговарач за името амбасадорот Наумовски, како што имаше и со неговиот претходник Јолевски.
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски пред посетата на Нимиц рече дека нема најава оти медијаторот Нимиц ќе донесе нов предлог. Со иста оценка излегоа и дипломатски извори во Грција.
OhridNews
извор:„Макфакс“













